Заврши жетвата на пченицата во Велешко

од Vlatko K
116 прегледи

Во велешкиот регион заврши годинашната жетва на пченицата. Собрани се околу 3.000 килограми пченица на хектар што според евиденцијата на земјоделските стручњаци е двојно повеќе од лани, кога поради врнежите од град, богатиот род беше преполовен на 1.500 килограми.

Како што информира за МИА, Зоран Наковски, раководител на Подрачната единица на МЗШВ Велес, кај пченицата што во поширокиот велешки регион на Општините Велес, Градско и Чашка, на површина од 1.230 хектари во приватен сектор и земјоделски претпријатија како „Вардар Градско“ и „Сокол“, заврши жетвата на пченицата, а просечните приноси се околу три илјади килограми од хектар.

-Тоа е за двојно повеќе споредено со 2019, кога ланскиот богат род на пченицата-лебното жито од велешките ниви го столчи дожд од град и родот беше преполовен на 1.500 килограми по хектар, појасни Наковски.

Тој информира дека најголеми површини под пченица се во атарите на селата Иванковци, Ново Село, Градско и помал дел во Чашка.

Жетвата на јачменот која претходно исто така заврши годинава беше на 2875 хектари со просечен принос од околу  3500 килограми по хектар.

Исто така кај растението тритикале што е хибрид на пченицата со вкрстување на пченица и рж на 400 хектари во велешко, приносите биле најголеми од житните култури и изнесуваат по четири илјади килограми од хектар.

Наковски информира дека најголем дел од јачменот е откупен од фирмата „АГРИА„ за потребите на свињарската фарма, како и од други помали откупни фирми.