Завршил во болница возачот на автобусот кој вчера се запали под Железничка

од Nikola Popovski
70 прегледи

Возачот на автобусот кој вчера се опожари под Железничката станица завршил на Клиниката за токсикологија, информираат од МВР. Според полицијата, пожарот бил пријавен околу 11 часот и 15 минути.

-Во пожарот возачот А.С.(58) од Скопје вдишал чад, по што бил пренесен на Клиниката за токсикологија во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, соопштија од МВР.

Директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски информира дека пожарот е најверојатно поради запалена инсталација. Тој истакнал дека автобусот бил паркиран под Железничката станица на местата каде што паркираат останатите автобуси од претрпијатието и дека во него немало патници.

Според првичните информации, пожарот почнал да се шири од задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана противпожарна бригада, која спречила проширување.

Ова е втор посериозен инцидент со возило на ЈСП во изминатиот период. Пред околу две недели двокатен автобус на ЈСП удри и се качи на жардиниера на раскрсницата кај трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар. Возачот тогаш јавно се пожали дека возилото било неисправно, а од синдикатот обвинија дека од депото се пуштаат технички неисправни возила, со потпис и печат дека се исправни.

Освен недостаток на возачи во ЈСП, имаше и доцнење на автобусите, па имаа проблем со платите, за сега да повторно да имаат проблем и со приватните превозници кон кои ЈСП должи милиони денари.

Слични содржини