Завршува промената на старите и дотраени прозорци во клонот „Цветови“, што е дел од детската градинка „Астибо“ во Штип. Градоначалникот на Општината, Благој Бочварски при денешната посета на „Цветови“ во населбата „8 Ноември“ истакна дека објектот станува енергетски ефикасен, со помош на донацијата од јапонската Влада, што е добиена со посредство на вработените од Центарот за развој на Источниот плански регион.

– Завршена е замената на прозорците и веќе ќе се работи на внатрешно обелување на просторот со што ќе добие целосно нов лик, заедно со тоа ќе се замени и системот за греење, така што веќе од септември месец, оваа детска градинка очекувам да биде ставена во функција, многу блиску до тоа што била тогаш кога била пуштена во употреба, вели Бочварски.
Тој додаде дека деновиве се очекува да стартува и фирмата што ќе работи на новиот систем за греење во „Цветови“. Јапонската Влада за овој проект за Општина Штип додели 55.000 евра.
Во оваа градинка, од нејзиното отворање па се досега, не е инвестирано во посериозна реконструкција, како што е оваа.