Здрави и полни со магнезиум: Шест намирници кои спречуваат грчеви во мускулите

од Stefanija Kuzmanovska

Магнезиумот многумина го нарекуваат минерал на животот, бидејќи е клучен за здравјето на нашиот организам. Доколку го нема доволно овој минерал во нашиот организам, може да настанат многу проблеми, а најчести секако се грчеви во мускулите, кои се првиот показател дека во исхраната треба да се внесува повеќе намирници кои содржат магнезиум.

Нутриционистите истакнуваат дека постојат шест намирници кои се полни со овој скапоцен минерал и кои благотворно делуваат на здравјето на нашиот организам.

Бадеми

Бадемите се на врвот на листата на намирници кои се богати со овој минерал. 30 грама бадеми содржат 105 милиграми магнезиум. Овој јаткаст производ е богат и со витамин Е, антиоксиданс кој го одржува имунитетот и го помага здравјето на очите. Бадемите се богати со омега-3 киселини, но и протеини, па се одлична ужина, бидејќи даваат чувство на ситост долго време.

Семе од сусам

Семето од сусам е богато со овој минерал, па затоа 30 грама пржени семки содржат 101 милиграм магнезиум. Овие семки се одличен извор и на витамин Б6 и на железо, што ги прави пожелни во исхраната што е можно почесто. Може да се користат така што со нив ќе се посипат пити или ѓевреци пред печење, а препечениот сусам е одличен и како додаток во салати.

Семки од сончоглед

Семките од сончоглед се совршен извор на магнезиум, а 30 грама од нив содржат дури 128 милиграми од овој скапоцен минерал. Покрај магнезиум, семките од сончоглед се добар извор на калциум, како и полузаситени масти, кои помагаат да се намали лошиот холестерол во крвта. Можете да ги јадете како грицки.

Банани

Бананата содржи одредени количини на магнезиум. Едно парче од ова овошје има 22 милиграми магнезиум. Покрај овој минерал, бананите се богати со калиум и електролити, кои помагаат во намалување на крвниот притисок. Бананите можете да ги јадете како ужина, но и да правите смути од нив или да ги додадете во овошна салата.

Брокула

65 грама варена брокула содржи 51 милиграм магнезиум и повеќе витамин Ц од портокалите. Овој зеленчук можете да го јадете како прилог, а најдобро ќе ги искористите сите негови хранливи состојки ако го комбинирате со домати.

Грашок

Оваа мешунка е богата со магнезиум и 130 грама грашок содржи 48 милиграми од овој минерал, како и потребната дневна доза на витамин Ц. Грашокот е одличен извор на калиум и витамин А. Направете го како вариво за ручек, додадете го во салати, а кога е млад, обидете се да направите чорба.

Слични содржини