Здравствената криза ја отвори потребата за јавни кампањи

од Vladimir Zorba

Здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, заштитата на јавниот интерес и потреба од реформи во процесот на пристапување во ЕУ, покажаа дека се потребни измени во Членот 102 од Законот за медиумски услуги, со кој се забрануваат медиумските камапњи финансирани од државниот буџет, пишува Цивил.

Потребно е посебно дефинирање на јавни кампањи, кои ќе го штитат јавниот интерес, а истовремено, да остане на сила забраната за користење на јавни пари за политички паркетинг и промовирање на Владата.

Од Владата веќе распишаа повик за подготовка на две кампањи од јавен интерес – едната за вакцинацијата, а другата за борбата против корупцијата. Од таму објаснуваат дека кампањата за вакцинација е потребна за да се избегне ризикот да не се постигне потребната бројка од 70 проценти вакцинирано население, колку што е потребно за спречување на пандемијата.

Како што пишува Цивил, Владата предвидува и формирање на тело кое ќе служи како контролен и заштитан механизам, за да не се дозволи злоупотреба на јавните кампањи и владините реклами, како што беше случај во минатото, кога Владата на Груевски ги користеше јавните пари на граѓаните за политички маркетинг и со милиони евра ја купуваше верноста и наклонетоста на медиумите.

Наместо Владата на Република Северна Македонија, кампањите од јавен интерес во земјава во моментов ги водат Европската Унија и агенциите на Обединетите Нации поради Членот 102 од Законот за медиумски услуги кој забранува кампањи финансирани од буџетот.

Противењето на вакцинацијата на значителен дел од македонското население, борбата против корупцијата, како и одредените шпекулации и кампањи против пописот, само ја отвораат потребата од правилно, транспарентно и објективно информирање на граѓаните.

Во моментов единствените кои што можат и водат кампањи за подигнување на јавната свест и заштитата на јавниот интерес се Европската Унија, УНИЦЕФ и останатите агенции на Обединети Нации. Тоа само покажува дека потребни се измени на Членот 102, со што би се дефинирале исклучоци на забраната за владини кампањи со цел заштита и промоција на јавниот интерес.

Премиерот Зоран Заев најави дека ќе се дебатира со сите здруженија на медиумски работници, сите здруженија на медиуми и сите засегнати страни за изнаоѓање на оптимално решение.

Слични содржини