Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами денес од Тетово најави дека ќе протестираат ако не се дозволи во Државната изборна комисија (ДИК) да има член од опозицискиот политички блок кај партиите на Албанците. Касами потенцира дека тоа е предвидено во соодветниот Закон за избори.
„Се работи за едно законско право, тука нема можност за калкулации. Самото барање на претседателот на Собранието поставено до опозициските партии, не до Алијанса за Албанците која претендираше дека треба да го добие тоа место, покажува дека законот е јасен. Но претседателот на Собранието и понатаму се обидува да направи опструкции во овој дел со тоа што има пратено писмо и до партии кои не постоеле до последните парламентарни избори“, изјави Касами.
Тој рече дека како опозициски партии имаат конкретен предлог кој човек да биде член и се надеваат дека Собранието ќе постапи согласно законот.
Предлог-листата со кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК) е веќе доставена и се очекува Комисијата за избори и именувања да го утврди кандидатот. Кандидати се Абдуш Демири и Зулфи Адили.
Адбуш Демири е поддржан од Европски сојуз за промени во кој се Демократско движење, Беса и Алтернатива, а кандидатот Зулфи Адили, пак, е поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.