Повеќе членови на Иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денес беа контактирани од жители во зградите во близина на ТЦ Мавровка дека ЈП Паркови и зеленило Скопје во раните утрински часови денес, во неработен ден, на државен празник, со обемна механизација кастрат и се отстрануваат повеќедецениски дрвја.
„Според сателитски слики направени оваа година, дрвјата изгледаат здрави и зелени, малку од зеленилото останато околу ТЦ Мавровка. Советниците на ЗХГ во Град Скопје веќе цела година инсистираат дека за секоја интервенција врз зеленило (а не само за садење) МОРА јавноста не само да се информира, туку да ѝ се даде доволно време да реагира и да ги обжали решенијата за отстранување зеленило кои ги смета за неосновани.
Самата правна поука на крајот од секое решение за интервенција врз зеленило дава 15 дена рок за поднесување жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање. Како може да се жали некој што не е информиран?!
ЗХГ исто така во континуитет бара буџетски средства да се алоцираат за доработка и активирање на Зелениот катастар во Скопје, преку кој ќе може да се следи здравјето на севкупното зеленило во градот. Со таква платформа, изговорите за болни/суви дрвја ќе бидат многу лесно разобличувани. Доколку оваа практика на сечење, кастрење и преместување на дрвја во градот без граѓаните да се инволвирани продолжи, ЗХГ најавува радикализација на напорите за заштита на нашето зеленило, колку и малку да остана од него.
Штом ги добивме дојавите за случајот се обративме до Град Скопје и поднесовме барање да ни се достави целокупната документација за предметот – почнувајќи од поднесеното барање завршувајќи со решението за кастрењето и отстранувањето на дрвјата.
Се обративме до Општина Чаир и побаравме да ни го достави важечкиот ДУП за да видиме каква е намената на конкретната парцела 8891/16 и дали нејзиното поплочување е законско. На својата страница од урбанистичко-планска документација Општина Чаир има објавено само еден урбанистички проект и толку!
Штом ги добиеме информациите, веднаш ќе ги споделиме со јавноста“, додаваат од иницијативата.