Зелен хуман град почна да собира потписи за да формира партија

од Nikola Popovski
31 прегледи

Граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ го почнува процесот на собирање 1.000 потписи за основање на партија. Оттаму велат дека роковите се кратки, а принудени се да формираат партија и да собираат потписи според строги законски правила за да имаат право да се кандидираат на избори.

-Драги луѓе, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. ЗХГ е воедно и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори. Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните. Иако сме принудени да ја основаме партијата само за да имаме право да се кандидираме на избори – нашето делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нашите вредности. Во ЗХГ имаме строги правила на функционирање што ја задржало нашата хетерогена волонтерска група здрава и фунционална, а со тоа и доволно силна да иницира општествени промени, стои во нивното соопштение.

Иницијативата има за цел да им понуди на граѓаните вистинска алтернатива, надвор од традиционалните партии. Оттаму велат дека ќе настапат обединето и транспарентно, со јасна визија и искуство стекнато на терен.

Граѓаните ќе можат да дадат потпис за поддршка за регистрацијата на новата партија, но се потсетува дека, според законот, потпис може да се даде само за една нова политичка опција. Платформата повикува на поддршка и активно учество во создавање на граѓанска алтернатива.

Повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град, како што информираат, разговарале за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап, но Зелен хуман град одлучил самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно.

Откако Уставниот суд во март ги укина одредбите со кои големите партии им го зголемија бројот на потписи на независните за да се кандидираат на избори, тие се најдоа во небрано. Правниот вакуум кој се создаде тие го толкуваат како сопка за нивно учество на изборите во октомври.