Зеленчукот, житарките и мешунките го намалуваат ризикот од рак на дебелото црево

од Stefanija Kuzmanovska
537 прегледи

Исхраната богата со зеленчук, интегрални житарки и мешунки може да го намали ризикот од развој на рак на дебелото црево кај мажите за 22 отсто, покажа опсежната американска студија.

Новото истражување спроведено во САД, во кое беа опфатени 79.950 мажи, откри дека во групата која консумирала највисоки количини здрава растителна храна, ризикот од развој на рак на дебелото црево бил за 22 отсто помал во споредба со оние кои јаделе најмалку количество таква храна.

Меѓутоа, истражувачите не нашле таква поврзаност во случајот со жените, а студијата опфатила 93.475 од нив.

Колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот. Тоа влијае на секои 23 мажи и на секои 25 жени“, рече научникот Џихи Ким од јужнокорејскиот универзитет Кјонг Хи.

Тимот на научници заклучува дека врската помеѓу исхраната и развојот на рак на дебелото црево е појасна кај машката популација, каде што ризикот од овој тип на рак е поголем.

За потребите на студијата, објавена во списанието „BMC Medicine“, испитаниците одговориле на неколку прашања: колку често јадат одредена храна и консумираат пијалоци од списокот со повеќе од 180 артикли, како и големината на порциите.

На испитаниците им беа понудени следниве одговори: Конзумирам одредена храна „никогаш или ретко“ или „два или повеќе пати на ден“. Кога станува збор за пијалоците, одговорите се движеле од „никогаш или речиси никогаш“ до „четири или повеќе пати на ден“.

Храната се класифицира во три групи: здрава растителна храна (интегрални житарки, овошје, зеленчук, растителни масла, јаткасти плодови, мешунки како леќа и наут, чај и кафе), помалку здрава растителна храна (рафинирани житарки, овошни сокови, компири, додадени шеќери ) и храна од животинско потекло (животинска маст, млечни производи, јајца, риба или морска храна, месо).

Во просек, мажите имале 60 години на почетокот на студијата, а жените во просек 59 години.

„Претпоставуваме дека антиоксидансите од храната како овошје, зеленчук и цели зрна придонесуваат за намалување на ризикот од развој на рак на дебелото црево, бидејќи тие го потиснуваат развојот на хронично воспаление, што може да резултира со рак.

Како што се наведува, поголем ризик од рак на дебелото црево е забележан кај мажите отколку кај жените.Научниците сметаат дека резултатите од истражувањето би можеле да придонесат за објаснување зошто консумирањето на поголеми количини здрава растителна храна е поврзано со намален ризик од рак на дебелото црево кај мажите, но не и кај жените.

Авторите откриле дека кај мажите, тенденцијата за развој на рак на дебелото црево варира во зависност од расата и етничката припадност, па на пример, ризикот од овој тип на рак бил 20 отсто кај американските Јапонци, а 24 отсто кај белците.

Научниците рекоа дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди зошто има разлики меѓу етничките групи.

Во текот на студијата, рак на дебелото црево се развил кај 4.976 испитаници или 2,9 отсто од нив, а земени се и некои елементи кои би можеле да влијаат на резултатите, како прекумерната тежина.

Д-р Хелен Крокер, раководител на истражување во Светскиот фонд за истражување на ракот, рече дека „таа и нејзините колеги го поздравуваат ова истражување бидејќи ги потврдува претходните наоди и докази дека консумирањето зеленчук, цели зрна и мешунки го намалува ризикот од развој на рак на дебелото црево“.

Таа додаде дека „се препорачува ограничена потрошувачка на црвено месо и исфрлање на месните производи од исхраната“.

„Интересно е што во оваа студија, исхраната базирана на растенија беше поврзана со помал ризик од рак на дебелото црево само кај мажите. Претпоставуваме дека една од причините може да биде тоа што, генерално, мажите консумираат помалку растителна храна и почесто консумираат месо од жените“.

Бет Винсент од Cancer Research UK верува дека „нова американска студија ги поддржува постоечките докази за придобивките од урамнотежена исхрана богата со овошје, зеленчук и влакна и за мажите и за жените“.

„Урамнотежената исхрана може да придонесе за одржување здрава телесна тежина, што го намалува ризикот од развој на рак, а намаленото консумирање алкохол и избегнувањето цигари придонесуваат за општото здравје и, во исто време, возраста влијае на здравјето на цревата“, вели Винсент.

Слични содржини