Првата дама на Украина, Олена Зеленска, во интервју за Би-Би-Си зборуваше за емотивното влијание на војната врз нејзиното семејство.
„Ова можеби е малку себично, но потребен ми е мојот сопруг, а не историска личност покрај себе“, рече таа.
Зеленска, исто така, зборуваше за семејството на кое му недостасува заедничко време.
„Остануваме силни, имаме сила и емотивно и физички. И сигурна сум дека заедно ќе го надминеме тоа“, додаде таа.
Кога Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, Олена Зеленска со месеци се криеше на тајни локации со своите деца.
Таа ја опиша својата емоционална состојба на почетокот на инвазијата како „постојано чувство на адреналин“. Како што минувало времето, таа сфатила дека е „неопходно“ да се смири и да почне да живее во „постоечките услови“.
Откако минатата година излезе од скривницата, војната ја фрли поранешната сценаристка во центарот на вниманието и оттогаш таа патува низ светот за да се сретне со лидерите и да држи говори.
„Не живеам заедно со сопругот, семејството е разделено. Имаме можност да се гледаме, но не толку често колку што би сакале“. На мојот син му недостасува татко му“, навела Зеленска за Би-Би-Си.
Сепак, несигурноста на животот во војна им нанела емоционална штета на нејзините деца.
„Ме боли кога гледам дека моите деца не планираат ништо. На таква возраст, млади луѓе. Мојата ќерка има 19 години. Тие сонуваат за патување, за нови сензации, емоции. Таа нема таква можност. Има временски ограничувања за она што можете да си го дозволите, тие постојат и некако се трудиме да живееме во нив“, рече Зеленска.
Првата дама и претседателот на Украина Володимир Зеленски се вљубиле уште во средношколските денови и продолжиле да работат заедно во хумористична трупа и ТВ студио – тој како актер, а таа како сценарист.