Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјавил дека американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е целосно завршен и дека Киев сега чека потврда за датумот и местото за негово потпишување.
Зборувајќи на прес-конференција за време на неговата посета на Вилнус, главниот град на Литванија, Зеленски нагласил дека безбедносните гаранции од Соединетите Американски Држави се клучни за Украина.
„За нас, безбедносните гаранции се пред сè безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Документот е 100 проценти готов и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото кога ќе го потпишеме“, порача Зеленски.
Тој додал дека, по потпишувањето, документот ќе биде испратен до Конгресот на САД и украинскиот парламент за ратификација, што формално би ја зајакнало правната рамка за идната безбедносна соработка меѓу двете земји, наведува Ројтерс.
Иако деталите од самиот договор не се објавени, украинските власти претходно нагласија дека безбедносните гаранции вклучуваат долгорочна воена, политичка и финансиска поддршка, како и јасни механизми за помош во случај на нови закани за територијалниот интегритет на земјата.