Зеленски го покани Трамп во Украина: „Ако Русија нè убие сите…“

од Stefanija Kuzmanovska
367 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од Соединетите држави да обезбедат дополнително финансирање на неговата земја за да се спротивстави на Русија и го покани поранешниот претседател Доналд Трамп во посета за да се увери самиот во обемот на конфликтот.

Зеленски рече дека американските војници би можеле да бидат вовлечени во поширок европски конфликт со Русија доколку Вашингтон не ја засили својата поддршка.

„Ако Русија нè убие сите, ќе ги нападне земјите од НАТО, а тогаш ќе ги испратите вашите синови и ќерки“, им порача украинскиот претседател на Американците во интервју за Ен-Би-Си.

Американскиот демократски претседател Џо Бајден го повика Конгресот да одобри закон за дополнително финансирање, најмногу за зајакнување на украинската одбрана, но и за помош за Израел, индо-пацифичкиот регион и зајакнување на граничната безбедност.

Наместо тоа, Претставничкиот дом предводен од републиканците минатата недела усвои закон со кој се обезбедува помош од 14,3 милијарди долари за Израел, но без зголемување на помошта за Украина.

Зеленски го покани поранешниот републикански претседател Доналд Трамп да ја посети Украина за да се запознае со последиците од руската агресија.

Трамп сака да се врати во Белата куќа на изборите следната година и е главен фаворит на неговата партија. Тој силно ја критикуваше американската помош за Киев, тврдејќи дека би можел да ја заврши војната за 24 часа, доколку тој биде избран.

„Ако може да дојде, ќе ми требаат 24 минути да му објаснам на Трамп дека не може да управува со оваа војна“, рече Зеленски. „Не може да биде постигнат мир поради Владимир Путин“.

Слични содржини