Зеленски и Трамп договориле зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина

Разговорот се одвиваше во ситуација кога Русија го изврши можеби најмасовниот воздушен напад врз Украина, со 539 дронови и 11 балистички ракети.

од desk2
26 прегледи

По телефонскиот разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска напиша на социјалните мрежи дека се договориле за зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина.

Разговорот се одвиваше во ситуација кога Русија го изврши можеби најмасовниот воздушен напад врз Украина, со 539 дронови и 11 балистички ракети, при што главна цел беше главниот град Киев.

„Ги разгледавме можностите во сферата на противвоздушната одбрана и се договоривме да работиме заедно за да ја зајакнеме заштитата на нашиот воздушен простор“, напиша Зеленски на социјалните мрежи по телефонскиот разговор со Трамп.

Тој додаде дека имале детална дискусија за капацитетите на одбранбената индустрија и заедничкото производство на одбранбени средства.

„Ние сме подготвени за директни проекти со Соединетите Држави и веруваме дека тоа е од клучна важност за безбедноста, особено кога станува збор за беспилотни летала и сродни технологии“, истакна Зеленски.

Претседателот на Украина им го честиташе Денот на независноста на САД на Трамп и целиот американски народ, изразувајќи благодарност за поддршката.

Според „Аксиос“, телефонскиот разговор траел околу 40 минути и бил фокусиран на ескалацијата на руските напади и американската поддршка за украинската противвоздушна одбрана.

Овој повик уследи по претходниот разговор меѓу Трамп и Путин, за кој американскиот претседател изјави дека бил „многу разочарувачки“.