Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека украинската армија, по претходното забавување, продолжила со акцијата за освојување на областите кои ги држат руските сили на југоистокот на земјата и дека „презела иницијатива“, а пристигнувањето на Украинците на Крим ќе го принуди рускиот претседател Владимир Путин на преговори.
Во интервју за ABC News што се емитуваше во неделата вечерта, Зеленски не ги негираше тврдењата на „Вашингтон пост“ дека украинските официјални лица неодамна му кажале на директорот на ЦИА Вилијам Барнс дека целта на контраофанзивата е војската да се приближи до Крим и потоа да се принуди Путин да преговара.
„Апсолутно јасно, логично реторичко прашање е дека во моментот кога Украина ќе стигне до административната граница со привремено окупираниот украински полуостров Крим, многу е веројатно дека Путин ќе биде принуден на дијалог со цивилизираниот свет, наспроти ситуацијата која постоеше пред целосната инвазија, затоа што ќе биде ослабен“, рече Зеленски.