Украинскиот претседател Владимир Зеленски оцени денеска дека на Украина, чија енергетска инфраструктура беше уништена од руските напади, ѝ се потребни „најмалку 800 милиони евра“ итна помош за да ги задоволи потребите на населението во текот на зимата.
Зеленски преку видео врска зборуваше на отворањето на меѓународната конференција за солидарност со Украина, организирана во Париз.
„Потребни ни се неколку категории опрема, трансформатори, опрема за реставрација на високонапонски мрежи, гасни турбини… на нашиот енергетски систем му треба, барем до крајот на грејната сезона, итна помош од европскиот енергетски систем, т.е. , струја од земјите на Европската унија во Украина“, рече украинскиот претседател.
Тој додаде дека помошта „ќе чини околу 800 милиони евра“.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ја истакна волјата на меѓународната заедница да им помогне на Украинците „да ѝ се спротивстават во текот на оваа зима“ на Русија.
Говорејќи на отворањето на конференцијата во Париз, Макрон рече дека „Русија се однесува кукавички“ и дека „се обидува да сее терор меѓу населението“ на Украина со напаѓање на цивилната инфраструктура.