Зеленски најавува продолжување на мировните разговори, можна локација е САД

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека продолжението на мировните преговори би можело да се одржи во блиска иднина, а како најверојатна локација ги посочи Соединетите Американски Држави.

од desk4
10 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Володимир Зеленски

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека продолжението на мировните преговори би можело да се одржи во блиска иднина, а како најверојатна локација ги посочи Соединетите Американски Држави.

Во своето редовно телевизиско обраќање, Зеленски информираше дека украинскиот преговарачки тим веќе поднел прелиминарен извештај по дводневните состаноци во Обединетите Арапски Емирати, каде што биле одржани разговори со претставници на американската и руската страна. Тој нагласи дека очекува подетален и целосен извештај по враќањето на тимот во Киев, бидејќи дел од прашањата не можат да се решаваат на далечина.

„Следните состаноци се планирани за наскоро и, според сегашните информации, најверојатно ќе се одржат во САД“, изјави Зеленски.

Тој додаде дека Украина е подготвена да учествува во сите формати на разговори што реално можат да доведат до мир, нагласувајќи дека целта е договор кој ќе биде сигурен и траен, и кој ќе ја отстрани можноста Русија повторно да прибегне кон воени дејствија.

Во истото обраќање, Зеленски најави и дека по завршувањето на војната или воспоставувањето прекин на огнот, Украина планира да ја задржи големината на вооружените сили на околу 800.000 војници. Според него, стратегијата предвидува постепен премин од мобилизиран состав кон професионална, договорна армија.