Зеленски: Не смее да постои Европа со различни достоинства каде некој заслужува суверенитет, а некој не

од Stefanija Kuzmanovska
294 прегледи

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето воведно обраќање на Самитот за Украина во Тирана рече дека не смее да постои Европа со „различни достоинства“ каде што некој заслужува безбедност и суверенитет, додека борбата на другите за мир се игнорира.

Тој наведе дека се што ги прави сојузниците добри партнери го прави рускиот претседател Владимир Путин послаб и дека е многу важно за сите слободни држави Москва да ја изгуби војната.

„Сите подеднакво заслужуваме да бидеме дел од Европската унија. Мораме да продолжиме да ги развиваме нашите добрососедски односи во логистиката и инфраструктурата, во трговските и енергетските односи, во политиката, во спротивставувањето на руските дезинформации и руските обиди да ги дестабилизира нашите политички системи“, подвлече Зеленски.

Украинскиот претседател додаде дека секоја земја која се придржува до принципите на Европската унија и сака да биде членка заслужува целосна интеграција во блокот од 27 земји.

„Украина го поддржува вашиот пат кон членство во ЕУ и е благодарна за вашата поддршка на Киев на неговиот пат“, порача тој.

Зеленски ги повика земјите да бидат обединети во поддршката на неговата Формула за мир.

„Затоа Путин толку многу вложува во својата пропаганда која создава поделби и кризи, тој точно знае што му служи на неговите интереси. Мора да видиме што е во наша корист и за нашите интереси за да можеме да се заштитиме“, изјави тој.

Денеска во Конгресната палата во Тирана започна Самитот за Украина, кој заедно со претседателот на Украина Володимир Зеленски ги собра лидерите на земјите од Југоисточна Европа и претставници на ЕУ.

Зеленски и Рама како домаќини на средбата заедно ги пречекаа учесниците пред Конгресната палата во Тирана.

На самитот пристигнаа претседателите на Србија Александар Вучиќ, Вјоса Османи на Косово, Јаков Милатовиќ од Црна Гора и Стево Пендаровски од Северна Македонија, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кристо и претседателката на Молдавија Маја Санду. Самитот е посветен на поддршката на Украина.

Слични содржини