Претседателот на Украина, Владимир Зеленски оцени дека новиот масовен ракетен напад на Русија врз Украина е обид за тероризирање на цивилното население.
Непријателот истрела 81 ракета, обидувајќи се повторно да ги заплаши Украинците, враќајќи се на нивната тактика. Окупаторите можат само да ги тероризираат мирните луѓе. Тоа е се што тие можат. Но, тоа нема да им помогне, напиша Зеленски утрово на каналот на Телеграм.
Претседателот на Украина истакна дека не може да се избегне одговорност за се што е направено, пренесува „Интерфакс Украина“.
Тој наведе дека нападите биле извршени во регионите Киев, Кировохрад, Дњепропетровск, Одеса, Харков, Запорожје, Лавов, Ивано-Франковск, Житомир и Виница и дека целта биле критичната инфраструктура и станбените згради.
Зеленски напиша дека, за жал, има загинати и повредени и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
Тој посочи дека сите служби работат и дека продолжува реставрацијата на електроенергетскиот систем.