Зеленски остро ја обвини Европа: „Нè доведовте на раб на колапс“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати сериозни обвинувања кон европските партнери, тврдејќи дека ја оставиле Украина без доволна противвоздушна одбрана, што ѝ овозможило на Русија со балистички проектили тешко да ја оштети енергетската инфраструктура и да ја доведе земјата „на раб на целосен колапс“.

од desk4
13 прегледи Фото: Фејсбук/Володомир Зеленски

Во разговор со новинарите во Киев, Зеленски изјави дека поради задоцнети уплати од Западот, клучни одбранбени системи станале неупотребливи во критичен момент. Тој посочи дека ракетите-пресретнувачи „ПАК-3“ за системите „Патриот“, кои биле ветени од европските партнери, пристигнале еден ден подоцна поради непрефрлени средства.

„Уплатата во рамки на иницијативата ПУРЛ не беше извршена. Ракетите не пристигнаа“, рече Зеленски, без да прецизира која земја е одговорна за пропустот. Според него, тоа оставило илјадници граѓани без струја, греење и вода, среде најстудената зима од почетокот на војната.

Фрустрација поради испразнети системи

Зеленски се осврна и на рускиот напад од 20 јануари, кога, според украинските воздухопловни сили, кон Украина биле истрелани 34 балистички и крстосувачки ракети. Тој нагласи дека токму муницијата ПАК-3 е единствената во украинскиот арсенал способна да соборува балистички проектили.

Уште на 16 јануари, како што потсети, предупредил дека резервите за противвоздушна одбрана се опасно ниски и дека неколку системи веќе останале без ракети.

Говорејќи за своите остри пораки упатени до европските сојузници на Светски економски форум во Давос, Зеленски рече дека тие произлегле од фрустрацијата поради неисполнетите обврски. „Знаев дека балистички ракети летаат кон нашата енергетска инфраструктура, знаев дека системите Патриот се поставени, но знаев и дека нема да има струја затоа што немаме ракети за да ги пресретнеме“, изјави тој.

Призна дека зборувал „емотивно“, но нагласи дека Украина и Европа мора да бидат „на иста бранова должина“ за помошта да биде навремена и ефикасна.

Иницијативата ПУРЛ и реакциите од Западот

Иницијативата ПУРЛ (Листа на приоритетни потреби на Украина) беше покрената минатата година од Соединети Американски Држави и НАТО, со цел европските држави да финансираат набавка на американски системи за противвоздушна одбрана и друго клучно оружје за Украина. Меѓу земјите учеснички се Германија, Норвешка, Полска, Холандија, Белгија, Канада, Луксембург, Португалија, Словенија и Шпанија.

Двајца западни функционери, запознаени со функционирањето на иницијативата, изјавиле дека обвинувањата на Зеленски не се целосно точни, но одбиле да дадат дополнителни детали. НАТО засега не коментираше.

Во меѓувреме, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека европските престолнини мора да „заграбат подлабоко во сопствените резерви на противвоздушна одбрана“, предупредувајќи дека Украина оваа зима се соочува со „хуманитарна катастрофа“.

Примирје и повикот на Трамп

Изјавите на Зеленски доаѓаат во момент кога Кремљ соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од рускиот претседател Владимир Путин еднонеделно примирје во нападите врз Киев, поради екстремно ниските температури. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека целта била да се создадат услови за преговори меѓу руските и украинските претставници во Абу Даби.

Кремљ потврди дека Путин се согласил на прекин на огнот до 1 февруари. Според украинските власти, во текот на ноќта немало ракетни напади врз Киев, а не биле активирани ни сирените за воздушна опасност. Сепак, во источните делови на земјата биле лансирани 111 дронови и еден проектил, при што сè уште не е јасно дали била целена критична инфраструктура.

Со овие настани, тензиите меѓу Киев и европските сојузници дополнително се заоструваат, во време кога меѓународната заедница се обидува да создаде услови за нови мировни преговори.