Зеленски: Отстапките нема да ја натераат Русија да го сопре војувањето

од desk2
22 прегледи Фотографија: Неговиот официјален профил на Х

Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача денеска дека отстапките нема да ја натераат Русија да го сопре војувањето во Украина и дека е потребно да се засили притисокот врз Кремљ.

„Русија ја одолговлекува војната и затоа заслужува појак глобален притисок. Русија одбива да ги сопре убиствата и затоа не смее да добие никакви награди или погодности. И ова не е само морален став – ова е рационален став. Отстапките не го уверуваат убиецот“, напиша украинскиот претседател.

Сè уште е неизвесно дали Володмир Зеленски ќе присуствува на самитот во Алјаска, а американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, изјави дека вклучувањето на украинскиот лидер е „секако можно“, но дека не е донесена никаква одлука.

Самитот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин е планиран за в петок, 15 август, во Алјаска. Станува збор за средба фокусирана на војната во Украина и евентуално на прекин на огнот, за која медиумите известуваат со денови однапред.

Во меѓувреме, европските лидери инсистираат на принципот „ништо за Украина без Украина“ и предупредуваат дека договорите, што би вклучувале размена или трансфер на територија, не можат да бидат трајно решение.