ЗЕЛЕНСКИ ПОТПИША: Наместо на 7 јануари, Украина ќе го слави Божиќ на 25 декември

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Во иднина, Украина ќе го слави Божиќ на 25 декември наместо на 7 јануари, како што беше досега, според законот што во петокот го потпиша претседателот Володимир Зеленски.

„Украинскиот народ долго време беше подложен на руската идеологија во речиси сите животни сегменти, па Божиќ се славеше според јулијанскиот календар, на 7 јануари“, се вели во образложението на текстот што пратениците го изгласаа во средината на јули.

Во текстот се вели и дека „силното заживување на украинската нација продолжува“.

„Постојаната борба за сопствениот идентитет придонесува за свеста и желбата на секој Украинец да го живее својот живот во согласност со традицијата и сопствените празници“.

Менувањето на датумот на прослава на Божиќ е последниот во серијата потези што Украина ги презеде во последниве години за да се дистанцира од Москва, вклучително и преименување на улици и градови кои потсетуваат на советската ера.

Законот го одразува јазот кој со години постепено расте меѓу црквите во Киев и Москва, а дополнително се влоши со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Иако беше под верска заштита на Русија неколку векови, Украинската православна црква беше прогласена за автокефална и независна од Московската патријаршија во 2019 година.

Во мај 2022 година, украинската црква, која остана лојална на Москва, ја прогласи својата независност, реагирајќи на јавната поддршка за војната на рускиот патријарх Кирил.

Неколку православни цркви во светот, вклучително и руската, српската и македонската, го користат јулијанскиот наместо грегоријанскиот календар за верски прослави.

Слични содржини