Зеленски: Трамп може да ни помогне да го запреме Путин

од Nikola Popovski
110 прегледи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во четвртокот дека „непредвидливоста“ на Доналд Трамп, кој треба да ја преземе функцијата во Белата куќа на 20 јануари, може да помогне да се стави крај на војната во Украина.

„Трамп може да биде одлучувачки (…) во оваа војна. Тој може да ни помогне да го запреме (Владимир) Путин. Тој е многу силен и непредвидлив“, рекол Зеленски во телевизиско интервју и и додал дека верува оти идниот претседател на САД „навистина сака да стави крај на војната“.

„Навистина би сакал да видам непредвидливоста на претседателот Трамп да се примени и на Русија“, додал тој.

Доаѓањето на Трамп на власт буди надеж во Киев за цврсти одлуки по речиси три години руска инвазија, но и страв од намалување на американската финансиска и воена поддршка, што Трамп постојано го критикуваше.

Зеленски долго време ја отфрла самата идеја за преговарање за завршување на војната со Путин, но неодамна го омекна својот став, согласувајќи се привремено да се откаже од обидот да ги врати териториите освоени од Москва во замена за безбедносни гаранции на НАТО и зголемување на испораките на оружје за Киев.

Тој во четвртокот рече дека безбедносните гаранции за Украина би биле „слаби“ доколку не ги вклучат САД.

Додека неколку европски земји ја изнесоа идејата за распоредување на можен воен контингент во Украина во случај на мировен договор, Зеленски смета дека тоа не треба да го замени приемот на неговата земја во НАТО.

Украинските сили со месеци се соочуваат со тешкотии со руската армија на Источниот фронт и се повлекуваат во неколку сектори.

Зеленски призна дека ситуацијата е „навистина многу тешка“ и дека украинските војници се „уморни“, а нема резерви и ротација на силите.

Слични содржини