Зеленски во посета на Шпанија

од Илинка Илиоска

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Мадрид ќе се сретне со премиерот на Шпанија, Педро Санчез и со шпанскиот крал Фелипе Шести.

Тоа е прва официјална посета на Зеленски на Шпанија. Санчез претходно најави дека на средбата со Зеленски ќе биде потпишан договор за билатерална соработка. Украина такви договори склучи со Германија, Франција, Италија и други земји.

Зеленски требаше да престојува во Шпанија во средината на месецот, но посетата беше откажана поради новата руска офанзива во северна Украина.

Зеленски во своето редовно вечерно обраќање, во неделата навечер, заблагодари за изразите на сочувство и поддршка за грозоморниот акт на рускиот ракетен терор во Харкив, но побара тие изрази да се претворат и во реална помош, да ѝ се обезбедат средства за одбрана и за уништување на базите од кои тие напади се извршуваат.

„Денеска цел ден се расчистуваат урнатините на местото на рускиот ракетен напад на хипермаркет во Харков, бидејќи зградата изгоре до темел. Засега се пријавени четиринаесет мртви. Моето сочувство до сите семејства и пријатели. Бројот на загинати може да биде поголем бидејќи по пожарот се потребни дополнителни испитувања и дополнителна работа за да се обезбедат целосни информации за загинатите. Бројот на повредени е над четириесет. На сите им се обезбедува потребната помош,“ рече претседателот Зеленски.

Тој истакна дека неговата земја очекува од зборови да се премине на дела, да се овозможи превентивна заштита од руските терористи.

„Многу лидери, претставници на држави и меѓународни организации, јавни личности изразија сочувство до Украина и Харков и го осудија рускиот терор. Важно е оваа осуда да доведе до целосно правични последици. Конечно да добиеме доволен број системи за противвоздушна одбрана за заштита на Украина и нашите градови. И дека нашите партнери имаат доволно решеност за превентивна заштита од руските терористи, исто како што би ги нападнале сите други терористи – уништувајќи ги пред да почнат да одземаат животи,“ побара Зеленски.

Украинскиот претседател открива дека на украинската одбрана ѝ се познати точките на концентрација на руските трупи, ракети и авиони. Тој побара да се донесе политичка одлука – да се овозможи уништување на силите на теророт и да се сопре ескалација на војната.

„Ја гледаме секоја точка на концентрација на руските трупи. Ги знаеме сите области каде се лансираат руски ракети и борбени авиони. Уништувањето на оваа терористичка сила – и со тоа спасувањето на илјадници животи и гарантирањето дека проширувањето на војната ќе биде запрено – е чисто политичка одлука. Одлука што треба да се донесе,“ изјави претседателот Зеленски, меѓу другото.

Слични содржини