Зеленски во разговор со Трамп го осудил обидот за негов атентат

од Vladimir Zorba
55 прегледи

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп синоќа одржа телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, прв ваков контакт меѓу лидерите по телефонскиот разговор пред пет години што предизвика импичмент на Трамп.

Двајцата споделија детали од повикот на социјалните медиуми. Се дознава дека украинскиот претседател му честитал на Трамп за кандидатурата од Републиканската партија и го осудил обидот за негов атентат.

Трамп, кој инсистира дека војната меѓу Русија и Украина „никогаш немаше да се случи“ ако тој останеше претседател, кажа дека повикот бил „многу добар“.

-Го ценам претседателот Зеленски што ми се обрати затоа што, како следен претседател на Соединетите Американски Држави, ќе издејствувам мир во светот и ќе ја окончам војната која одзеде толку многу животи и уништи многу невини семејства. Двете страни ќе можат да се сретнат и да преговараат за договор што ќе го заврши насилството и ќе го отвори патот кон просперитет, напиша Трамп, но сепак не појасни како ќе постигне мир.

Зеленски изјави дека Украина е благодарна за помошта на САД и дека двајцата се договориле да „разговараат на лична средба кои чекори можат да ги сторат за  праведен и навистина мир“.

Трамп ја критикува администрацијата на Бајден за испратените милијарди долари помош до Украина за Киев да се одбрани од инвазијата на Русија што Москва ја започна во февруари 2022 година.

Не е јасно дали тој ќе поддржи продолжување на воената помош за Украина во случај на победа на изборите. Неговиот заменик, сенаторот Џеј Ди Венс од Охајо, исто така ја критикува помошта за Украина.

Во телефонски повик меѓу Трамп и Зеленски на 25 јули 2019 година, тогашниот претседател го притисна украинскиот колега да го истражи неговиот политички ривал Џо Бајден и неговиот син Хантер.

Претставничкиот дом, тогаш контролиран од демократите, започна истрага за отповикување на Трамп и во декември 2019 година изгласа негов импичмент, но Сенатот, воден од републиканците го ослободи од тужбите за злоупотреба на службената положба и опструкција на Конгресот.

Слични содржини