Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека нема да ја „предаде“ својата земја и дека ќе претстави „алтернативи“ на американскиот план за завршување на војната со Русија, што многумина го сметаат за задоволување на голем број барања на Москва.
„Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам, ќе понудам други опции“, рече Зеленски во обраќањето до нацијата објавено на социјалните мрежи.
Тој потсети како го координирал одговорот на Киев по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и нагласи: „Не ја предадовме Украина тогаш и нема да го сториме тоа сега“.
Зеленски имаше телефонски разговор со потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, објави АФП. Според Зеленски, Украина ризикува да ја изгуби поддршката на својот клучен партнер поради намерата на Вашингтон да го наметне својот план за завршување на војната.
„Нашата земја може да се соочи со исклучително тешка дилема: или губење на достоинството или опасност од губење на клучен сојузник“, истакна украинскиот шеф на државата.