Зеленски за синоќешните руски напади: „Овој чин ја приближува терористичката Русија до пропаст“ (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
192 прегледи

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ги коментираше синоќешните руски ракетни напади врз Уман, Дњепар и Киев.

Тој на својот канал на Телеграм објави видеа и фотографии од последиците од нападот и напиша: „Мое сочувство до сите кои ги загубија своите најблиски поради рускиот терор“.

„Благодарен сум на нашите воздушни сили, на нашата противвоздушна одбрана, на сите што помагаат да се надминат последиците од непријателските напади, на сите што го штитат нашиот народ. Овој руски терор мора да се соочи со фер одговор од Украина и од светот. И ќе се соочи“, додаде Зеленски.

„Секој ваков напад, секој ваков злобен чин врз нашата земја и народ ја приближува терористичката држава Русија до уништување и казна, а не обратно, како што мислат. Нема да заборавиме никакво злосторство и нема да дозволиме напаѓачите да избегаат од одговорност“, истакна украинскиот претседател.

Најмалку 12 загинати во најголемиот руски ракетен напад во последните два месеца

Украинскиот министер за внатрешни работи, Ихор Клименко, изјави дека бројот на жртвите во рускиот ракетен напад врз деветкатна станбена зграда во Уман, град кој се наоѓа на околу 200 километри јужно од Киев, се искачи на најмалку 10. Седумнаесет лица се ранети.

Руски проектил ја погодил зградата пред зори, додека жителите сè уште спиеле. Во југоисточниот град Дњепар, руските сили погодија куќа со проектил и убија 31-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка, објави регионалниот гувернер Серхи Лисак.

Така, бројот на загинати во најголемиот руски ракетен напад врз Украина во изминатите два месеца се искачи на 12.

Слични содржини