Украинскиот претседател Володимир Зеленски изнесе остри замерки кон западните партнери. Тој е убеден дека толку многу луѓе немаше да загинат во нападите со руски балистички ракети, доколку Западот ја снабдеше Украина со помоќни системи за противвоздушна одбрана, пишува „Украинска правда“.
„Како можете мирно да живеете и спиете кога ќе сфатите дека имате десетици од тие системи ‘Патриот’? Ако денес испратите седум системи во Украина, луѓето во Харков, Херсон и Одеса нема да страдаат. Можете ли да живеете нормално знаејќи го тоа?“, праша украинскиот лидер на прес-конференција во Рига.
Инаку, Зеленски вчера ја посети Летонија каде се сретна со летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс. Ова ја завршува неговата турнеја низ балтичките земји по посетата на Естонија и Литванија претходно оваа недела.
Украинскиот претседател укажа на доцнењето на испораката на западното оружје, посочувајќи дека многу Украинци умираат додека Киев чека помош. Тој рече дека не ги разбира ставовите на Западот, но сепак им се заблагодари на западните партнери за досегашната помош.