ЗЕЛС бара итен датум за локални избори УСТАВНИОТ денеска ќе решава!

од Vladimir Zorba

Уставниот суд денеска  на седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на членови од Законот за локална самоуправа и на Изборниот законок, со што би се овозможило продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините

 

Функционирањето на голем број општински јавни установи ќе се доведе во прашање, а околу 45.000 вработени во локалната самоуправа, оштинските претпријатија и во образованието ќе останат без плата.

На ова денеска предупредија градоначалниците на Скопје, Куманово и на Гостивар, но и членови на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Коце Трајановски, Зоран Дамјановски и Невзат Бејта, бидејќи нивниот и мандатот на советниците во општините им истекува на 15 мај, а нови локални избори не се закажани.

„Ќе се доведат во прашање функционирањата на општински јавни установи и тоа сите културни, образовни институции на локално ниво, како музеи, театри, домови на култура, на противпожарни служби, спортски објекти, зоолошки градини и слично. Градежни дозволи нема да се издаваат. Градежното земјиште, со кое управува локалната самоуправа, веќе нема да се оттуѓува или да се дава под закуп“, предупреди Трајановски.

Тој вели дека ќе престанат сите почнати и ќе се запрат планираните инвестиции, како во инфраструктурата на општините, така и во сите други објекти што се надлежност на локалната самоуправа.

„Нема да може да се врши исплата на комуналии, како струја, вода и слично, во сите институции на локално ниво, што ќе значи дека истите институции, а, пред сè, градинките и училиштата, ќе треба да се затворат, а децата да се испратат дома. Нема да можат да се склучуваат бракови во државава. Само да потсетам дека при секое склучување брак, официјални сведоци се претставници на општинските совети“, додаде Трајановски.

Поради тоа, ЗЕЛС денеска апелираше парламентот итно и без одложување, а најдоцна до петок оваа недела, да најде решение. Една од можностите е измена на Изборниот законик.

„Наместо првата половина на мај, како што стои во Изборниот законик, треба да се утврди нов датум за одржување на локалните избори. До Уставниот суд е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и од Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и на претставниците на општинските совети“, истакна Трајановски.

Уставниот суд денеска  на седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на членови од Законот за локална самоуправа и на Изборниот законок, со што би се овозможило продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините./Мета

Слични содржини