Земјите од ЕУ го усвоија законот за намалување на потрошувачката на гас

од Nikola Popovski

Земјите од Европската унија денеска официјално го усвоија планот на блокот за вонредни ситуации поврзани со намалувањето на потрошувачката на гас, за заштеда на гориво за зимата поради неизвесноста со руските испораки, и покрај противењето на Полска и Унгарија на конечната верзија на законот.

Минатата недела, членките на ЕУ постигнаа договор за намалување на побарувачката на гас, во обид да се наполни складиштето за гас за зимата и да се подготват за можно целосно прекинување на испораките од Русија. Договорот бара од сите земји од ЕУ доброволно да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти, со тоа што тоа може да стане обврска во вонредни околности, иако со бројни исклучоци за одделни земји и индустрии.

Земјите од ЕУ денеска официјално го усвоија законот, со што се овозможи минатонеделниот договор да се спроведе во пракса. Сите земји освен Унгарија и Полска го одобрија законот, се вели во соопштението на Чешката Република, која претседава со ЕУ.

Пред почетокот на воената операција во Украина, Русија обезбеди 40 отсто од вкупните потреби на ЕУ за гас. Оттогаш Москва го намали протокот на гас во Европа, што им отежнува на земјите од 27-члениот блок да ги наполнат складиштата пред зимата, што предизвика трка за купување неруско гориво и преземање мерки за ограничување на потрошувачката на гас.

Унгарија, која преговара за купување дополнителен гас од Русија, беше единствената земја што се спротивстави на договорот минатата недела, доведувајќи го во прашање легитимноста на правилата на ЕУ кои влијаат на енергетската безбедност на земјата.

Полска, исто така, се спротивстави на конечниот закон, иако минатата недела го поддржа договорот. Варшава оцени дека правната основа за тој закон е „неисправна“ и дека одлуките за енергетскиот микс на земјите-членки треба да се носат со едногласна согласност од сите земји.

Нивното противење, сепак, не го спречи усвојувањето на овој план, за кој беше потребна поддршка од најмалку 15 земји за да стане закон.

Европската комисија, исто така, „итно ја проценува“ можноста за воведување ограничувања на цената на гасот, се вели во соопштението, без да се прецизира каква форма ќе има тоа ограничување.

Фото: Юрий Смитюк / ТАСС

Слични содржини