Земјоделците бараат субвенции, а Трипуновски ги обвинува СДСМ дека „кога биле на власт, не мрднале со прст за нив“

„Нека се држи до турбо фолкот и нека го следи и пее Харис Џиновиќ“, му порача министерот на лидерот на СДСМ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук

Како одговор на последните изјави на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за состојбата во земјоделството, министерот Цветан Трипуновски објави видео од масовниот протест на земјоделците од октомври 2019 година, додека СДСМ беше на власт.

„Венко Филипче денес зборува дека земјоделието е во лоша состојба, но токму во периодот кога тој беше дел од владата на СДС земјоделците излегуваа на протести поради катастрофалните политики на власта. Каква забеганост. Човекот тоне во сопствената немоќ, партијата му се распаѓа, рејтингот му е еднаков на статистичка грешка, а тој упорно зборува за тема за која повеќе од очигледно не ја разбира. На толку криминални тендери, на толку украдени пари, Венко Филипче денеска лажно глуми загриженост за земјоделците, како наводно состојбата била лоша“, обвинува Трипуновски преку јавна објава.

Тој обвини дека додека седум години биле на власт, како што вели, СДСМ не мрднале со прст за земјоделците. Трипуновски потенцира дека членовите на тогашната власт ги игнорирале и понижувале земјоделците и затоа, како што вели, денеска се таму каде што се, со едвај 15 пратеници во Парламентот.

„Мој совет по втор пат до Венко Филипче е тој што му го води пи-арот веднаш да го откаже, зошто се повеќе сум сигурен дека некој од внатре го мести. Понекогаш молчењето е подобра стратегија, особено кога фактите не се на негова страна. Нека се држи до турбо фолкот и нека го следи и пее Харис Џиновиќ. Во продолжение му го испраќам видеото од протестот кој се одржа (26.10.2019) пред Владата на РМ, во време кога земјоделието беше во колапс поради неуспешните и катастрофални политики кои ги спроведуваше токму СДС на која денеска Венко Филипче е претседател“, стои во објавата на министерот.

„Кризата ќе станува се потешка, состојбата во земјоделството е алармантна, а владата нема донесено ниту една антикризна мерка за помош на земјоделците“, нагласи претседателот на СДСМ на вчерашната средба со земјоделци во неготинско Криволак. Филипче посочи дека поради високите цени на нафтата, драстично се зголемени цените на вештачките ѓубрива и сите трошоци што ги имаат земјоделците, што сериозно ја доведува во прашање одржливоста на земјоделското производство и егзистенцијата на земјоделците.

„Ситуацијата е навистина алармантна. Во овој период кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици. Прво, по прашање на нивната егзистенција, како земјоделци и семејствата кои што преку земјоделството ги издржуваат. И второ, поради негрижата на власта за овој сектор мора да знаеме дека може да се соочиме со сериозен недостаток на производство на одредени земјоделски култури, посебно житарици. Тоа значи дека во следниот период може да се соочуваме со дополнителен раст и на цената на лебот до крајот на годината“, рече Филипче.

На средбата на која што се разговараше за актуелната состојба во земјоделството и проблемите, Филипче посочи дека секој сектор е погоден од промашените политики на власта, и најави дека СДСМ во следниот период ќе предложи законски решенија за помош на земјоделците.

„Јас дојдов, замижав, ја поддржав програмата тогаш, затоа што кога бевме во кабинeтот ми рече дека ќе почнеме со исплата, го исплати грозјето за да одиш на Свети Трифун. На 13 февруари лани ветивте 1 600 хектари земја од Комбинатот (Земјоделски комбинат „Пелагонија“ н.з.), каде што се 1 600 хектари“. Ова беше само една од многубројните и жестоки по децибели дискусии што можеа да се слушнат од битолските земјоделци на завчерашната трибина со Трипуновски во рамките на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“.

И додека дискусиите говорат за критики, од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство велат дека нападите дошле од поединци по однапред смислено сценарио. Од она што може да се слушне, дел од земјоделците бараат субвенциите да им бидат исплатени по килограм за она што ќе го произведат, директно ним, а не на сопствениците од кои ги изнајмуваат нивите.