Утрински весник и Вест денеска се излегоа во трафиките за последен пат. На насловните страни стои „Чао“ и „До наредното гледање“. По речиси две децении овие два медиуми, кои беа дел од групацијата на Медиа Принт Македонија (МПМ) веќе не постојат.
Она што е познато е дека планот на менаџментот на МПМ е „Утрински весник“ и „Вест“ да станат портали со по неколку вработени, а „Дневник“и понатаму ќе излегува во печатено издание.
Причина за затворањето на медиумите е лошата финансиска состојба на компанијата, фирмата „Графички центар“, која е сопственик на МПМ.
Во Централниот регистер беше објавено дека „ Графички центар“ ќе оди во стечај и дека во Основниот суд Скопје 2 за 10-ти мај е закажано рочиште. Имотот на фирмата е замрзнат и е во рацете на привремен стечаен управник.
Пред да почне претстечајната постапка, во февруари годинава, отворена беше нова фирма, со слично име, Медиа Принт ДООЕЛ, која објави неколку огласи за вработувања на новинари и уредници. Новата фирма близначка е во сопственост на човек од актуелниот менаџмент на МПМ.