Зголемен бројот на пациенти со симптоми слични на Ковид: „Неопходни се витамините Д и Ц, здрава исхрана и почесто престојување на чист воздух“

Вирусни и бактериски инфекции во полн ек: „Симптомите на настинката, ковид и грипот се преклопуваат, терапијата генерално е иста“

од Бисера Трајковска
60 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Вирусните и бактериски инфекции стануваат се позачестени во последниот период кај граѓаните. Со оглед на фактот што изминативе години се појавуваат и многу мутации на вируси кои ги немало во минатото, лекарите предупредуваат дека сега е идеално време да се зајакне имунитетот.

Др Мира Атанасова за „Локално“ вели дека препораките за добар имунитет за есен и зима е секогаш добрата исхрана, физичката активност и суплементации со витамини, кои што ние не можеме да ги внесеме со исхраната.

Таа апелира сите возрасни категории почесто да го конзумираат витаминот Д.

-Апелирам за Д витаминот, кој мора сите да го внесат. Не само деца, туку и возрасните. Ние дозите ги моделиравме спрема возраста. Исто така, да се конзумира и витаминот Ц, цинк и минкроелементи, вели докторката.

Др Атанасова апелира и да се престојува што е можно повеќе на чист воздух.

-Скопскиот воздух е загаден, па затоа барем викендите да се настојува да се поминат во околината на Скопје, вели др Атанасова.

Во период сме на интензивни вируси, а не не заобиколува ниту стомачниот вирус. 

Докторката објаснува дека не станува збор за форми на класичен стомачен вирус, туку има повеќе вируси кои што даваат тешка клиничка слика, со зачестени проливи, повраќање и високи температури.

Фото: Принтскрин/ јутјуб/ ТВ Канал 5

Како што појаснува, во моментот имаат многу пациенти кои имаат симптоми на Ковид.

-Имаме пациенти со слични симптоми, кои што не асоциираат на Ковид. Една форма е горна респираторна форма, со гребење во грло, со затнат нос или силна главоболка и жалење на зглобни и мускулни болки. Таквиот пациент до два дена лежи во кревет, појаснува докторката.

Другата варијација, посочува, е исто варијација на ковидот, која што оди со стомачна симптиматологија – пролив, повраќање, мачнини. Анализа се прави на оние пациенти со влошена клиничка слика.

-Тука ги немаме респираторните симптоми, туку присутна е симптоматската терапија, електролити, пробиотици.  Ова најчесто трае неколку дена, а анализа правиме на оние на кои им е влошена клиничката слика. Ние имаме алатки за анализа, крвна слика, ЦРП, брисеви во грло, но тоа се прави дури после неколку дена од почетните симптоми, односно ако лекарот процени дека наместо подобрување, има влошување на клиничката слика, додаде др Атанасова.

Иако постојат повеќе видови на вируси, сепак најзачестена е настинката која понекогаш може да има слични симптоми со ковид.

На прашање како да препознаеме дали имаме настинка, грип или Ковид, докторката вели дека симтомите се преклопуваат, но настинката најчесто оди само со течење на нос и кивање. Овие симптоми не го налегнуваат пациентот.

-Симптомите на настинка не го налегнуваат пациентот и не му ја качуваат телесната температура. не го прават малаксан и заморен. Ги нема оние типични болки во коските и зглобовите. Тука е таа мала дистинкција што е ковид а што настинка, додава докторката.

За грипот, како што објаснува, пациентот има тешка клиничка слика и тежок е почетокот. 

-Грипот почнува нагло, се качува температурата и пациентот веќе е легнат во кревет, додава др Атанасова.

Таа вели дека генерално терапијата за сите вирусни инфекции е иста – се препорачува добра храна и витамини, електролити, пробиотици.

Појаснува дека симптоматски делуваат со парацетамол, а исто така и цинк, Ц витамин како и сите микроелементи.

Б.Т.

Слични содржини