Тарифите од 25 отсто што американскиот претседател Доналд Трамп ги објави дека САД ќе ги воведат почнувајќи од денеска за стоки од Канада и Мексико ќе влијаат на трговијата меѓу северноамериканските земји што надминува 1,8 трилиони долари, а меѓу првите што ќе бидат погодени ќе биде автомобилската индустрија, пријави денес АП.
Со децении, американските компании градеа синџири за снабдување со автомобили во соседните Мексико и Канада, така што денес повеќе од еден од пет автомобили и камиони што се продаваат во САД се произведува во Канада или Мексико, според S&P Global Mobility.
САД увезоа автомобили и камиони во вредност од 69 милијарди долари од Мексико во 2023 година, повеќе од која било друга земја, додека од Канада беа увезени автомобили и камиони во вредност од 37 милијарди долари.