Зголемувањето на минималецот, работодавачите го сметаат за данок на нивниот бизнис

-Доколку ССМ не протестираше во 2022 за промена на методологијата и за зголемување на минималната плата, сега по тие параметри, по една третина од просечната плата, инфлацијата и БДП, истата ќе изнесуваше 20.682 денари или за 5.379 денари помала од онаа што евентуално ќе се усогласи во 2026, изјави за „Локално“, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов

од Nikola Popovski
6 прегледи

Минималната плата наместо со просечната треба да се врзе само со економски параметри како инфлација, продуктивност или пораст на бруто домашниот производ, сметаат економските експерт. Според нив, вака како што е состојбата во моментов минималецот не помага многу во подобрување на стандардот на работниците, а од друга страна работодавачите го сметаат за посебен вид на данок на нивниот бизнис. Тие сметаат дека наместо зголемување на минималецот подобро е да се воведат даночните олеснувања или даночните субвенции.

Сепак, од Сојузот на синдикати на Македонија не отстапуваат од барањето дека минималецот треба да се зголеми за најмалку 200 до 300 евра.

Зоран Ивановски/Фото: УТМС

-Минималната плата е административен концепт за уредување на односите во делот на политикатата на плати во една национална економија и во основа не се базира на економската логика и влијанието на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Порастот на минималната плата во основа е политика со слаб квалитет во однос на помошта за вработените лица за подобрување на нивниот животен стандард, заради фактот што работодавачите го сметаат за посебен вид на данок на нивниот бизнис. Со овој концепт треба да се биде особено претпазлив заради фактот што истиот може да делува на пораст на стапката на невработеност. Исто така, тој не значи поголема праведност во делот на платите, заради фактот што неселективно се применува, а не само на оние кои се социјално најзагрозени, изјави за „Локално“, универзитетскиот професор, Зоран Ивановски.

Со цел да се базира детерминирањето на минималната плата на некој објективен параметар, препорака на науката е истиот да биде барем во корелација со промените на стапката на инфлација, продуктивноста на трудот или порастот на БДП.

-Многу покорисна мерка се даночните олеснувања или даночните субвенции. Сепак, на владите им е полесно товарот на социјалната политика да го „префрлат“ на работодавачите, отколку да биде на товар на јавните приходи, смета Инавовски.

Според последното истражување на ССМ, работниците сметаат дека минималната плата треба да биде помеѓу 600 и 700 евра, а тоа значи зголемување на истата, за најмалку 200 до 300 евра.

Слободан Трендафилов/Фото: ССМ

-За жал, некои експерти сметаат дека промената на методологијата е решение, но решението кое го заговараат до пред 2022 година значеше раст на минималната плата за 100, 200 или 500 денари годишно. Доколку ССМ не протестираше во 2022 година за промена на методологијата и за зголемување на минималната плата, сега по тие параметри од пред 2022 година, по една третина од просечната плата, инфлацијата и БДП, истата ќе изнесуваше 20.682 денари или за 5.379 денари помала од онаа што евентуално ќе се усогласи во 2026 година, изјави за „Локално“, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој потсети дека со сегашната минимална плата сме на дното, а со таквата ќе го пробиевме и дното. Поради тоа, ги предупреди надлежните дека доколку не се зголеми минималецот така како што бараат, спремни се да протестираат и да штрајкуваат.

Б.С.