Односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија треба да бидат како оние меѓу добрите соседи и време е двете страни да го сфатат тоа и да работат за доброто на нашите граѓани, рече синоќа претседателот на бугарското Народно собрание Росен Желјазков на средбата во Скопје со претставници на бугарската заедница во земјава.
На средбата со претставници на здруженија од Охрид, Прилеп, Велес, Битола, Штип, Струга, во Културно-информативниот центар на Бугарија во центарот на главниот град, Желјазков посочи дека проблемите не треба да се разгледуваат низ призмата на „секогаш претстојните избори “.
„Три децении не успеваме да го најдеме вистинскиот начин да разговараме меѓу себе за помладите генерации да се чувствуваат како вистински Европејци во нашиот заеднички дом. Европа е местото каде што со тешкотии и низ многу векови ги достигнавме достигнувањата на хуманизмот, правдата и достоинството на поединецот, а Бугарија и Северна Македонија се повикани да докажат дека споделуваат заеднички европски вредности“, истакнал Желјазков.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, претседателот на бугарскиот парламент се запознал со проблемите „како јазикот на омразата со кој се соочуваат претставниците на бугарската заедница и очекувањата за изнаоѓање решенија за намалување на тензиите меѓу двете земји“.
„Заедничката историја треба да го направи Балканот пообединет, посилен и поатрактивен за инвестиции. На оваа основа можеме да градиме мостови, да не се разделуваме, туку да се стремиме кон заедничка европска иднина. Општо правило е дека мора да се градат мостови, а кој ќе погледне назад може да се сопне напред“, истакнал бугарскиот спикер.
Желјазков е во работна посета на Скопје на покана на неговиот македонски колега Талат Џафери, со кого ќе имаат средба денес.
Желјазков и Џафери, заедно со министрите за култура на Македонија и Бугарија, ќе ја отворат и изложбата „Сребрена Тракија“, со над 1.700 експонати од 18 музеи во Бугарија, која до 7 април ќе биде изложена во Археолошкиот музеј во Скопје.