По изборниот неуспех што СДСМ го доживеа во првиот круг од изборите, раководството на партијата со спроведување на одредени кадровски промени има намера да го врати успехот од минатите години и да успее да го задржи членството. Од СДСМ велат дека пораката од граѓаните е прифатена, а првиот чекор е признавање на грешките и учење од нив.
Според актуелниот член на Извршен одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на овие локални избори СДСМ настапи после исклучително тежок и болен пораз кој го доживеа на парламентарните избори и е нереално да се очекува спектакуларен „кам бек“.
-Претседателот Филипче ја наследи партијата поразена со 300.000 гласови разлика. Нереално е да се очекува некаков спектакуларен „кам бек“, по само година дена од таквата реакција на гласачите на наведените парламентарни избори, појаснува Жерновски за „Локално“.
Како што потенцираше, таква пракса не постои во демократскиот свет, со исклучок на некои вонредни ситуации. Затоа, вели, треба да се биде реален и искрен кон очекувањата.
-Ова е прекраток период за да се анулираат последиците од таквиот пораз. Нам допрва ни претстои период во кој треба да им докажеме на гласачите дека вистински и искрено сме ја разбрале и прифатиле нивната порака. Работиме посветено на враќањето на довербата на граѓаните и убеден сум дека тоа ќе случи. Најважно е што процесот на консолидација е започнат и тоа може само да радува, бидејќи силен СДСМ и’ е неопходен на Македонија, додава Жерновски.
Поранешниот градоначалник на Општина Центар Саша Богдановиќ претходно за „Локално“ рече дека многу шокови во СДСМ од минатото не се санирани и сега тоа се пресликува на сите нивоа.
-Очигледно не се реформираше и реорганизираше партијата во изминатиот период. Не се санирани многу шокови од минатото и за жал тоа се пресликува на сите нивоа надоле. Членовите, симпатизерите не ја препознаваат идеологијата на СДСМ а голем дел од старите и искусни кадри се надвор од партијата, посочува Богдановиќ.
Тој смета дека треба да се тргнат луѓето кои не биле дел од СДСМ и од кои партијата не може да просперира, а да се повикаат основачите на партијата.
Во однос на тоа дали партијата ќе успее да „се врати на нозе“ или успехот ќе остане далека и недостижна цел, а ќе продолжи одлив на членството, Жерновски појаснува дека ако сакаме да се врати партијата на тоа ниво, тогаш првиот чекор би бил признавање на грешките и учење од нив.
-Ако ја критикуваме власта кога е потребно, тогаш истото треба да го правиме и кон самите себе. Па така, според постигнатиот резултат на локалните избори, но и според претходните анализи на работењето, евидентно е дека на СДСМ му е потребно освежување на различни нивоа, додава Жерновски.
Професорот и поранешен амбасадор Нано Ружин претходно за „Локално“ посочи дека во СДСМ освен кадровски, треба да има и стратешки промени.
-Потребни се и стратешки промени, да одлучи партијата каква стратегија да заземе, на кој начин да реагира, какви се односите кон одредени прашања во државата од локално во централно ниво. Само кадровската промена не е доволна, посочи Ружин.
Тој е на ставот дека е неопходна системска промена, доколку се констатира дека една политичка партија доживеала пораз, односно не ги исполнила посакуваните цели и резултати.
Жерновски пак, потсетува дека според Статутот на партијата, право на измени и корекции го има претседателот, чија позиција му овозможува да има најдобар увид во тоа каде и кога треба да го освежи тимот.

Фото: Принтскрин
-Првиот човек на СДСМ и самиот изјави дека овие избори беа добар показател за тоа како треба да се работи во иднина и какви потези треба да се направат. Во тој контекст, тој најави и политички и кадровски промени во раководството по завршувањето на изборниот процес, вели Жерновски.
Инаку, потенцира, при секоја промена на лидерското место, другиот табор се обидува новиот претседател да го стави во сенка на неговиот претходник.
-Тоа е така кај нас од самиот почеток на плурализмот, така ќе биде и понатаму. Оттаму, не е ништо ново таквата стратегија на Мицкоски и неговата партија. Ако мене ме прашувате, не гледам ништо спорно актуелен претседател да комуницира, па зошто не и да се консултира со својот претходник, особено ако тој бил и претседател на Владата. Зошто да не се искористи неговото позитивно и негативно искуство? Во други земји тоа е дури и традиција која се негува внимателно, вели Жерновски.
Тој е на ставот дека се невистинити, злонамерни и крајно тенденциозни тврдењата дека Заев се меша во политиките на партијата и на претседател Филипче.
-На ВМРО-ДПМНЕ, секако, воопшто не му се допаѓа фактот дека СДСМ останува најсилната опозициска партија и дека е на пат да освои повеќе општини од ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година. Граѓаните јасно го поразија и коалицискиот партнер на Мицкоски, бидејчи јасно увидоа дека улогата на ЗНАМ е само да биде тројанскиот коњ за делење на СДСМ. Овој план пропадна и ЗНАМ е на пат на исчезнување, а доказ за тоа е нивниот пад од 56.200 на 38.034 гласови. Со таквото експресно губење на 33% од гласовите, ЗНАМ е најголемиот гибитник на овие избори, вели Жерновски.
Според Жерновски, сумарно гледано, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ со што е (о)станува јасна македонската политичка мапа.
-Да бидам јасен, ова секако не е посакуваниот резултат за СДСМ, но бележиме стабилизација и раст во повеќе општини. Вкупниот број гласови покажува дека СДСМ ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, а ја зголемува во однос на ЗНАМ и држи стабилна предност пред Левица. Ова јасно укажува дека вкупниот амбиент меѓу граѓаните се менува, вели Жерновски.
Тој смета дека во добар дел општините веќе се избрани градоначалници од СДСМ, како и вондополнителните 16–17 општини каде партијата влегува во втор круг.
-СДСМ постигна значајно зголемување на бројот на гласови во однос на последните парламентарни избори. Тоа се општински организации во кои бројот на гласови, кога ги споредуваме со ланските избори, е значајно зголемен некаде 40-50 проценти, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект, посочува Жерновски.
Според Жерновски, споредбените анализи со изборните резултати од минатата година покажуваат дека ВМРО–ДПМНЕ и ЗНАМ имаат изгубено по речиси една третина од гласовите. Тој вели дека Мицкоски не го очекувал овој изборен резултат, колку и да се обидува „да се затскрие позади некаков вештачки триумфализам“.
-Да се потсетиме дека на само неколку дена пред одржувањето на изборите, тој прогнозираше дека неговата партија може да изгуби најмногу 85.000 гласови, за да во неделата вечер се увери дека тој пад всушност изнесува 140.000 гласови. Со овие бројки на гласови, да се одржеа парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе имаше 7 пратеници помалку, а СДСМ 3 повеќе во однос на сегашниот распоред во Собранието, додава Жерновски.
Ова, според него, најјасно го покажува актуелниот тренд на расположението на гласачите и тој ќе продолжи да се развива во тој правец.
-СДСМ се надеваше на подобар резултат, ние тоа не го криеме, но фактот дека е значително намалена разликата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, претставува солидна основа за остварувањето на нашата цел. Ќе биде потребно време, но СДСМ ќе се врати таму каде што припаѓа, додава Жерновски.
Б.Т.