Жерновски: Митева фатена во „дебел офсајд“ – од каде знае дека сум изгубил судски процес, а пресудата се уште не сум ја добил?

СДСМ обвинува за скандал - Жерновски: Портпаролката на Владата потврди дека Мицкоски управува со судовите

од Nikola Popovski
49 прегледи Фото: СДСМ

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски порача дека вчера се случило нешто што досега не е видено во Македонија. Како што вели, „претставник на Владата со скандалозно признание фактички потврди она што СДСМ цело време го кажува тоа дека судската власт во нашата држава е директно под контрола на извршната власт“.

„Портпаролката на владата има податоци за мојот процес против МНР, процес којшто сеуште не е завршен. Она имаше податоци за тоа каква е пресудата. Значи јас пресудата не ја дознав од адвокатите, не ја дознав од судот, туку ја дознав од владата на нашата држава којашто ги има податоците не само за предметот, туку каков е и текот на самиот процес.

Ова се зборовите. „Само немојте како изгубената жалба против претседателката Силјановска“, односно „моите информации„, ја цитирам портпаролката, „говорат дека ви е изгубена жалбата“.

Тоа значи дека владата на Мицкоски има информации од судот за самиот процес. Ова всушност значи дека процесиците во судството, особено против владата, против органите, против министерствата, пресудите се донесени пред да биде воопшто разен самиот предмет. Ова е еден голем скандал ќе потенцирам“, кажа Жерновски на прес-конференција.

Тој укажува дека на овој начин се заплашуваат граѓаните, се заплашува опозицијата постојано и тоа со обвинителство, тужби, пресуди…

„Тоа за нас од опозицијата е секојдневие, а сега стана секојдневие и за оние што ги претставуваат синдикатите. Дозволете на крајот да ви кажам дека од името на СДСМ дека ова е модел кој со нас ни е многу добро познат. Ова е модел за заплашување и пресметка со опозицијата, но сега и пресметка со граѓаните.

Не е само опозицијата во прашање. Безбедносни служби се користат и за следење на неистомисленици. Тоа ние од СДСМ најдобро го знаат“, посочува членот на ИО на СДСМ.

Од СДСМ го објавија и спорниот дел од видеото од вчерашната телевизиска дебата.

Жерновски во вчерашната дебата и порача на владината портпаролка Марија Митева дека „влегла во дебел офсајд“.

-Од каде ви е вас информацијата за мојата пријава во судството, праша членот на ИО на СДСМ, на што доби одговор од Митева дека „гласините велат“.