Жерновски за „скандалот со тендерите“: Владата одлучи да ја користи стратегијата „Да, ние крадеме, но крадевте и вие“

„ВМРО-ДПМНЕ ќе се брани со контранапади (не со контрааргументи) упатени кон СДСМ, а премиерот ќе се прави наивен во јавноста дека не слушнал за никаков криминал во своите редови и дека се’ е прекрасно во нашата држава“, порача Жерновски

од Nikola Popovski
6 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин

„Сите оние кои со нереална надеж очекуваа некакви, макар било какви демантирања од ВМРО-ДПМНЕ на нападите од СДСМ во серијалот на прес конференции за криминалните активности на власта на Мицкоски, морам да им кажам дека залудно чекаа. Добро, ние кои не сме тука од (за)вчера, знаевме дека ниту има, ниту ќе има деманти“, вели членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски за најавениот серијал прес-конференции кои опозицијата го најави со цел да обзнани за, како што велат, корупција во владините редови.

Според него, Владата одлучи да ја користат стратегијата „Да, ние крадеме, но крадевте и вие“, која е позната како “tu quoque”, што на латински значи „и ти“, или „и ти, исто така“.

Жерновски тврди дека ВМРО- ДПМНЕ мораше да знае дека има најмалку два основни проблема на таквата стратегија.

-Првиот е што на тој начин најдиректно и најконкретно признававаат дека изнесените обвинувања од страна на СДСМ се точни и веродостојни. Ништо помал проблем не ниту вториот, кој наметнува логично прашање што прават година и пол со тој евентуален криминал на претходните, кога апсолутно целата власт е во нивни раце. Веројатно и имаат некои предмети, но јасно е дека истите ги сместиле во фиока. А кога седат таму, тоа значи дека власта воопшто не размислува за толку помпезно најавената борба против криминалот, туку предметите се вадат по потреба за да се забошити некоја нивна нова афера. Јавноста, очигледно, веќе ја препознава таа кукавичка стратегија, па затоа ефектот е таков каков што е.

Во овој контекст е секако и новата “генијална” досетка, која не’ прави уникатна земја и во тој поглед. Имено, владејачката партија ја повикува опозицијата да “расчисти со криминалците во своите редови”. Па има ли нешто посмешно од овие апели? Зошто тогаш граѓаните воопшто гласаа за нив?

За да биде трагикомедијата уште поголема, ВМРО-ДПМНЕ го прави ова во моментите кога партијата владее на сите можни нивоа во државата. Редно е некој да им каже дека веќе 18 месеци се власт, а не опозиција, посочува членот на СДСМ.

Жерновски потенцира дека најголемата владеачка партија ќе се брани со контранапади (не со контрааргументи) упатени кон СДСМ, а, како што вели, премиерот ќе се прави наивен во јавноста дека не слушнал за никаков криминал во своите редови и дека се’ е прекрасно во нашата држава.

-Чудно, уште повеќе смешно. Оној што милува навечер со своите градоначалници да шета по плоштади и паркови за да го исчисти намерно насобраното ѓубре, не може никако да го види и исчисти ѓубрето во својот двор. А тие и таквите, на крај, секогаш завршуваат во депонија, оценува членот на ИО на СДСМ преку јавна објава на социјалните мрежи.

Изминативе денови опозициската СДСМ обвини дека власта преку криминални шеми и тендери испумпува милиони евра народни пари до фирми блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во фокус е фирмата „Дигитал оне“, формирана во август минатата година, која од денот на формирањето до денес добила шест договори за јавни набавки со владини институции, од кои четири со Генералниот секретаријат на Владата.