Европската унија ќе воведе контра-царини за стоки и производи од САД во вредност од 26 милијарди евра почнувајќи од април, како одговор на американските царини за челик и алуминиум, објави Европската комисија.
Комисијата најави дека од 1 април ќе ја укине сегашната суспензија на царините за американските производи, а до средината на април ќе биде претставен нов пакет контрамерки против американските стоки, пренесува Ројтерс.
„Нашите контрамерки ќе се воведат во два чекора, почнувајќи од 1-ви април, а целосно ќе стапат во сила од 13-ти април. Подготвени сме да се вклучиме во дијалог. Го задолжив комесарот за трговија Марош Шефчовиќ да ги обнови преговорите и да истражува подобри решенија со САД“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Зголемените царини за увоз на челик и алуминиум што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп денеска стапија на сила. Царините од 25 проценти за челик и алуминиум, исто така, покриваат стотици производи направени од тие материјали, вклучувајќи клинци, навртки и завртки, сечила од булдожер и лименки со сода, објави Ројтерс.
Пред да стапат на сила царините, Трамп се закани дека ќе ги удвои тарифите за извозот на челик и алуминиум од 25 на 50 проценти во Канада, но тој се повлече од тие планови откако премиерот на Онтарио Даг Форд се согласи да ја суспендира одлуката за воведување дополнителен данок на извозот на електрична енергија од Онтарио во Соединетите држави, концесија во замена за укинување на американските тарифи.
Форд и канадскиот министер за финансии Доминик Лебланк утре ќе отпатуваат за Вашингтон за да разговараат со претставници на Трамп за можните промени на Договорот САД-Мексико-Канада (USMCA).
Канада, која е препознаена како главен конкурент на САД на пазарот на алуминиум, долго време има поволна позиција во трговијата со алуминиум со САД, благодарение на нејзините хидроенергетски ресурси, додека американските производители на алуминиум во голема мера стагнираат.
Поголемиот дел од трговијата меѓу САД и Канада останува без царини според договорот USMCA, но Трамп продолжува да ги критикува високите царини што Канада ги има за млечните производи.