Вчерашниот ден го одбелажа инцидентот во Собранието кога претседателот на Комисијата за европски прашања почна да фрла со предмети кон пратениците од опозицијата. Настана и турканица на расправата за законските измени со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат треба да им се продолжи работниот век до избор на нови.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се противеа на законските измени, го заобиколија пултот на поранешниот министер за образование Арбар Адеми од ДУИ, а тој прво го удри Антонио Милошоски по раката и почна да фрла со филџан, шише и скрши дел од опремата.
Од СДСМ преку соопштение велат дека ВМРО-ДПМНЕ создава тензии во Собранието во надеж дека ќе се спасат од одговорност за криминалот.
Од партијата порачуваат дека тоа нема да се случи и сите ќе одговараат.
„Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а денеска дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка. Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем. Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети. Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. Бадијала се прават тензии, секој што се огрешил од законот ќе одговара!“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак излегоа со реакција во која се вели дека СДСМ/ДУИ спроведуваат насилство врз пратеници за да дефокусираат од тајните преговори во Софија.
„Насилие, физичка пресметка, недоличен речник е вистинската слика за криминалната власт на СДСМ И ДУИ. На лудилото на власта и нема крај. Граѓаните денес беа сведоци на вистинското лице на насилниците на ДУИ И СДСМ како физички нападнаа свои колеги мавајќи со чаши по нив. Наместо СДСМ да го осуди ваквото насилничко однесување на Арбер Адеми застана во одбрана на насилството и го поддржа ваквото скандалозно однесување СДСМ И ДУИ денес во Собранието демонстрираа сила и предизвикаа инцидент за да се дефокусира јавноста од она што тајно денес го реализираат. Неспособната власт сака да ја дефокусира јавноста од тајните преговори кои денес се водат во Софија за предавствата на Димитар Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ. Ваквите мрачни сценарија нема да им поминат. Премногу е!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од Алијанса на Албанците (АА) соопштија дека се потврди на дело дека „криминалот, корупцијата, уличарството на ДУИ се манифестираат со вандалски и насилнички акти“.
„Со или без намера беше погоден нашиот пратеник Елми Азири. Целото ова срамно сценарио почна со обидот за продолжување на судииите, преку шверцување на законот. Откако се спротивставивме, Адеми го навреди пратеникот Снопче да се извини, но такво нешто не се случи. Пратеникот Снопче повторно побара процедурална интервенција, што беше одбиено. Во знак на револт, ние пратениците од АА дојдовме до говорницата да го одбраниме нашето право на дискусија. Потоа следуваше срамот што го виде целата јавност од координаторот на ДУИ. Имаше многу случаи кога пратеници на ДУИ се покажаа, но сите видовме како бегаат од комисии кога треба да се заштитат граѓаните“, рече координаторката на пратениците на Алијанса за Албаниците.
Според објавеното видео од лидерот на АА, Зијадин Села, се гледа како Азири се држи за образот откако е погоден со филџан.