Жизел Бундхен е еден од најомилените и високоплатени модели, до неодамна едно од најважните лица на Викторија Сикрет. Таа е исто така многу популарна во нејзината родна земја, но таа е дефинитивно незадоволна од некои од владините претставници.
Новиот министер за земјоделство дури ја нарече “лоша Бразилка”, соопшти Guardian, цитиран од “Монитор”.
Повод за непријатната дефиниција е критиката која убавицата ја упатува кон заштитата на животната средина во Бразил. Овој модел е амбасадор на ОН за добра воља за прашањата поврзани со животната средина. Таа често го критикува сечењето на шумите во амазонската џунгла, а неодамна се огласи и против идејата на новиот претседател на Бразил да ги спои земјоделското министерство со Министерството за заштита на животната средина.
“Жизел Бундхен треба да престане да оди наоколу и да зборува лошо за Бразил”, изјави министерот Тереза Кристина Дијаз.
Манекенката е сакана од многу Бразилци и нејзините позиции имаат тежина во општеството. Во 2017 година таа се јави против давањето на 600 илјади хектари од амазонски џунгла на земјоделски претприемачи. По силниот јавен одговор, тогаш претседателот Мишел Темер стави вето на идејата.