Жолтите елеци се подарок за Макрон, а не крај

од desk4
127 прегледи

 

Движењето „жолти елеци“ кое е осмислено со цел да го симне од власт францускиот претседател Емануел Макрон, всушност е своевиден „подарок“ за шефот на француската држава затоа што му ги зголеми изгледите да победи на претстојните европски избори.

Наместо да ја прекинат власта на Емануел Макрон, што беше идеја со која беа оформени, тие би можеле да го направат посилен.

Сепак не изгледаше така во декември кога еден ден после насилните демонстрации во Париз, францускиот претседател ја проценуваше штетата на Триумфалната порта која ја оштетија демонстрантите и на која напишаа свои графити.

Макрон имаше скаменет израз на лицето додека ги поздравуваше полицајците, а неколку демонстранти го повикуваа да се повлече од функцијата претседател. Тој го напушти местото на настанот без изјава за јавност. Штетата зборуваше сама за себе.

Тој дождлив ден изгледаше како најниска точка на мандатот на Макрон затоа што овој лидер кој некогаш ветуваше, претходно отпатува на Самит Г20 во Буенос Ајрес за по враќањето да открие дека најзначајниот споменик на Франција е оштетен, како и дека десетици луксузни продавници се срамнети со земја.

А тоа беше само почеток – во наредните неколку дена популарноста на Макрон дополнително падна, група демонстранти во јужна Франција дури симулираше негово погубување на гилотиња, додека друга влезе во министерство со виљушкари.

Со ваква позадина стана модерно Макрон како политички феномен да се прогласува за „готов“ при што „Фајненшл Тајмс“ дури ги предупреди демократите дека ова е лекција која би требало да ја научат, додека институтите за истражување на јавното мислење брутално го споредија Макрон со Франсоа Оланд, најнепопуларниот претседател во повоената историја на Франција.

Сепак сите овие пораки предвидоа неколку клучни неприкосновени ставки од францускиот политички живот.

На прво место, и покрај гневот насочен против него, Макрон не е присилен да ја напушти функцијата пред истекот на мандатот во 2022 година. Заштитен со институциите на Петтата република кои гарантираат безбедност пред се, и со фактот дека неговата партија има апсолутно мнозинство во Националното собрание, тој има три години да ги поправи работите што не е малку.

На второ место е можноста движењето на жолтите елеци – кое нема одреден лидер, организација ниту единствена агенда – да стане штетно за противниците на Макрон и претседателот во тој случај – што е парадокс – би излегол како победник, а тоа токму сега се случува.

Минатата среда Ингрид Левавасер (31) медицинска сестра и членка на жолтите елеци објави дека ќе биде на врвот на листата со десет кандидати за изборите за Европскиот Парламент во мај.

Неколку часа подоцна анкетите проценуваа колку поддржувачи би можела да добие оваа група на претстојните избори, а резултатите покажаа само 13 отсто, но доволни да ги стави на трето место на најпопуларни партии во Франција.

Додека центристичката партија на Макрон „Република во движење“ изгуби неколку поени во сценариото со жолтите елеци, вистински жртви испаднаа политичарите кои најгласно навиваа за антивладините демонстрации – Марин Ле Пен, Жан Лик Меланшон.

Имено поради жолтите елеци Ле Пен загуби 3,5 отсто од поддршката а Меланшон 1,5, додека на Макрон му остана поддршката од 22,5 отсто што покажува дека базата на Макрон е се поотпорна на навредите на жолтите елеци.

– На партијата „Република во движење“ и е во интерес жолтите елеци да се кандидираат на изборите. Во вакви околности тоа е добра вест за нив, објаснува Жан – Даниел Леви директор на политичкиот сектор на Инситутот за истражување на јавното мислење „Харис Интерактив“.

Критичарите на претседателот кој имаа емпатија кон насилните демонстранти сега се шокирани – движењето кое многу сакаше да го наруши мандатот на Макрон сега би можело да ги наруши оние исти партии за чија наклоност најмногу се бореше.

– Воопшто не беше во план работите вака да се развиваат. Кога излегоа првите резултати од анкетите реакцијата беше напад на Левавсер, презир кон изборниот систем и барање помош во понатамошни протести и објави на социјалните мрежи.

Притоа Максим Никол, популарен јутјубер, ја обвини Левавсер за предавство, велејќи и во видео снимка дека „искрено зборувајќи, изборите за Европскиот Парламент се останување во системот“ и дека „таа го прави точно тоа што трае веќе 40 години“.

И социјалните мрежи беа преплавени со негативни коментари во кои корисниците ја повлекуваа поддршката за жолтите елеци, а ништо подобро не помина ниту опозицијата затоа што ова движење им ја украде картата со гневот на јавноста на која играше.

Претседателот, од своја страна, го искористи предизвикот на жолтите елеци како поттик  за обид својот претседателски мандат да го „одживее“ со низа консултации во градските собранија и „голема национална дебата“, полека зголемувајќи ја својата популарност меѓу граѓаните.