Од 400 пријавени, последниот податок од крајот на 2024 година, 268 лица влегле во постапка од кои дел чекаат за комплетирање на документите. Кога нема родители или не се познати родителите на новороденото дете, Центарот за социјална работа го утврдува името кое е основната карактеристика за идентитетот. Еден сериозен број на поднесени пријави чекаат затоа што родителите кои се познати не изразуваат интерес да ја довршат постапката. Дел од пријавените немаат точна адреса каде што органот треба да ги контактира. Различни се причините, изјави народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција за проблемот на околу 400 „невидливи лица“ кои имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.
Денеска беше објавено и дека по повеќе од 13 години девојче од скопско Шуто Оризари добива документи, односно доаѓа до Извод од матична книга на родени и со тоа станува видливо за институциите и непречено да ги остварува своите права и да се запише во училиште.
Зибери додаде дека проблемот е долгогодишен и направени се низа законски измени во 2021 година, со кои се создадоа услови за уписот да се врши по службена должност.
-Но, сепак работите во пракса се поинакви. Доказ дека не функционира најсоодветно е тоа што и во тековната година, иако има нецели два месеци, имаме претставки од оваа област. Еден од поистакнатите примери е каде и мајката и детето не се евидентирани и практично се невидливи за институциите, појасни правобранителот.