Израелското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во Израел пристигнала пратка од околу 1.800 тешки бомби од САД, чија испорака беше блокирана од претходната администрација на американскиот претседател Џозеф Бајден, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Синоќа во пристаништето Ашдод беше истоварен брод со пратка американски бомби МК-84 тешки по околу 900 килограми. Бомбите потоа биле натоварени во камиони и однесени во израелските воздушни бази, се вели во соопштението на израелското Министерство за одбрана.
„Пратката муниција што пристигна во Израел вечерва, испратена од администрацијата на Трамп, претставува значителна помош за израелските воздухопловни сили и е дополнителен доказ за силниот сојуз меѓу Израел и САД“, рече израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.
Од почетокот на војната во октомври 2023 година, повеќе од 76.000 тони воена опрема пристигнаа во Израел, а најголемиот дел од странската воена опрема беше испратена од САД.