Кога министерот за правда, Игор Филков, бара одговорност со име и презиме, не станува збор за мешање во правосудството, туку обид да се врати довербата што беше разнишана во годините кога СДСМ и ДУИ создаваа механизми на селективна правда, кога институциите беа алатки на партиски интереси, а не на граѓаните, се вели во соопштението од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, како реакција на соопштенијата на СДСМ и ДУИ.
Од ЗНАМ обвинуваат дека кога СДСМ се дрзнува да зборува за „сценарија“ и „дилови“, тие всушност се обидуваат да избегаат од сопственото политичко минато.
-Лесно е да се фрли сомнеж, но тешко е да се одговори за сопствените одлуки. Велат дека постои сценарио за враќање на Груби и некаков договор меѓу други политички субјекти. Но ако во оваа држава некој има историја на политички сценарија, договори зад затворени врати и обиди за контролирани враќања – тоа е токму коалицијата СДСМ/ДУИ. Да се потсетиме: бегството на Никола Груевски се случи во време кога СДСМ/ДУИ ја водеа Владата.
Институциите беа под нивна надлежност. Системот беше под нивна одговорност. Токму во нивниот мандат почнаа и разговорите за можни „решенија“, за начини на негово враќање, за политички формули со кои ќе се затвори едно прашање што тежеше врз системот, се вели во соопштението од ЗНАМ.
Оттаму потсетуваат дека нивното владеење се одбележало и со укинување на член 353 од Кривичниот законик, под изговор на усогласување и реформи, клучната одредба за гонење злоупотреба на службена положба, интервенција директно под покровителство на СДСМ/ДУИ, со која се релативизираше одговорноста на функционери.
-Со едно гласање се затворија или се доведоа до застарување повеќе предмети, спроведоа одлука со длабоки последици, направија амнестија спакувана како европска реформа. Кога зборуваат за морал и правда, нека одговорат и за скандалот со вакцините – за доцнењата, за сомнителните договори, за посредниците и милионските обврски во време кога граѓаните се бореа за здравје и живот. Нека одговорат за аферата со марихуаната, каде што лиценци се делеа во сенка на политички врски. Нека одговорат за ТЕЦ Неготино, за притворите и сомнежите за штетни договори. Нека одговорат и зошто во кривичната пријава против Артан Груби се споменува и поранешниот премиер и тогашен претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски?! Дали можеби токму таму лежи вистинската причина за нервозата што ја гледаме, прашуваат од ЗНАМ.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, велат од ЗНАМ, беше главниот благајник на коалицијата СДСМ–ДУИ, човек преку кого поминуваа кадровските поделби, крупните инфраструктурни договори и политичките компромиси.
Во негово време и директно под негова контрола се туркаше договорот со Бехтел и Енка за Коридор 8 со специјален закон и авансни исплати, што
отвори сериозни сомнежи за провизии и нетранспарентност. Лице осомничено за проневера од над осум милиони евра во случајот со Државна лотарија.
-И кога се отвора прашањето за негово расчистување, наместо со факти, раководството на ДУИ одговара со драматизација, но во суштина стравуваат
од целосно и неселективно расчистување. Од една страна, разбирлива е чувствителноста и нервозата кога станува збор за поранешни високи функционери што со години биле во самиот врв на одлучувањето. Главниот оперативец на коалицијата СДСМ/ДУИ, Груби, е жива архива на политички и финансиски шеми што долго беа скриени од јавноста. Дали ДУИ се загрижени дека доколку Груби проговори ќе се отвори пандорината кутија? Дали стравуваат дека тој може да стане заштитен сведок и да ги открие сите шеми, договори и улоги што го одржуваа нивниот систем на моќ, велат од ЗНАМ.
Од партијата бараат институциите да ја завршат својата работа темелно, транспарентно и без селекција.
-Времето на тајни договори, контролирани институции и политички заштити заврши! Али, Зоки, Венко – нема потреба од драматизација, ниту од паника. Без разлика колку ќе се препелкате со соопштенија, обвинувања и конструкции – правдата сигурно ќе ве стигне. Исходот сите го знаете. На крајот, правдата секогаш наоѓа пат, се вели во соопштението од ЗНАМ.