ЗНМ и МВР: Преку подобра комуникација до поголема безбедност на медиумските работници

од Vladimir Zorba
103 прегледи

Предизвици во известувањето и документирање на настани од јавен простор во полошкиот регион и подобрување на комуникацијата на новинарите со претставниците на МВР, посебно со помладите службени лица беа темите на вчерашниот состанок кој се одржа во СВР Тетово.

Новинари од тетовскиот регион и претставници на МВР отворено разговараа за начините како да се унапреди работата на новинарите и како тие побезбедно да ги извршуваат своите задачи на терен, без притоа да бидат попречувани.

Соработката помеѓу претставници на медиумите и полицијата е нужна посебно кога станува збор за специфични настани како што се протести и јавни собири, официјални и протоколарни посети на градот Тетово но случаи во кои имало разни законски прекршоци или несреќи на јавен простор. Присутните на овој работен состанок разговараа за потребата од меѓусебно почитување помеѓу полицијата и медиумите со цел да се продлабочи меѓусебното разбирање но и да се зајакне безбедноста на новинарите и снимателите.

Беше констатирано дека потребно е повеќе работа и обука во иднина посебно со помладите генерации на службени лица во МВР кои имаат помалку пракса во работата. На овој начин би се превенирале идни недоразбирања но и би се подобрила меѓусебната почит и професионална и одговорна комуникација помеѓу полицијата и медиумите, што придонесува кон градење силна соработка помеѓу заедницата и полицијата исто така.

На средбата претставници од ЗНМ беа новинарот Урим Хасипи, координатор на регионалниот центар во Тетово, новинарот Зоран Димовски, координаторот на секцијата на сниматели од полошкиот регион Ведут Османи, а од МВР беа Тони Ангеловски, Помошник министерот за односи со јавност како и Марјан Јосифоски, Амир Далипи и Фатмир Реџепи од СВР Тетово.

Оваа средба е продолжување и надградба на добрата соработка помеѓу претставници на ЗНМ и МВР и продолжување на средбите кои се одвиваа во текот на минатата година во Скопје а како резултат на претходно потпишан меморандум за соработка. Во наредниот период се предвидени слични средби во останатите регионални центри на ЗНМ во Охрид, Битола, Куманово, Штип и Струмица.

Слични содржини