ЗНМ и ССНМ: Новинари повикани на информативен разговор без претходно објавена забрана за дронови – бараме објаснување од МВР и АЦВ

од Даниел Ѓорѓиевски
33 прегледи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради повикувањето на новинари, меѓу кои и претставници на меѓународни медиуми, на информативен разговор по синоќешниот протест во Скопје.

Според достапните информации, забраната за користење на дронови била официјално објавена дури по 20 часот, што е два часа откако протестот веќе започнал. Дополнително, во соопштенијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), не било наведено дека ваква забрана важи за Скопје. Ова отвора сериозни правни дилеми за постапките кон новинарите.

Од ЗНМ и ССНМ бараат одговори од надлежните институции на неколку клучни прашања: Зошто забраната била објавена по почетокот на протестот? По кој основ биле опфатени цели градови, наместо конкретни зони? Зошто новинарите не биле навремено информирани за ограничувањата?

Организациите нагласуваат дека транспарентноста на институциите е од суштинско значење за заштита на слободата на медиумите и работата на новинарите, особено при известување за настани од висок јавен интерес.

Во исто време, тие апелираат до новинарите кои користат дронови да постапуваат одговорно, со почит кон граѓаните, особено во наредните денови кога ќе се одржуваат погребите на починатите.

Слични содржини