ЗНМ: Полиција или цензори – скандалозно избришан видео запис на ТВ21 од протестите поради блокадите

од Stefanija Kuzmanovska
155 прегледи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) тврди дека на денешните протести во Скопје поврзани со блокадите на приватните превозници, полицијата грубо го прекршила правото на новинарите да снимаат и известуваат.

Оттаму соопштија дека според сведочењето на новинарката Фазиле Халили од ТВ21, таа со својот мобилен телефон снимала дел од протестот каде полицајците влечеле една жена, а во тој момент полицајците и пришле и ѝ рекле дека не смее да снима и побарале да се избрише снимката.

„’Бриши ги снимките бидејќи немаш право да снимаш’, рекол полицаецот, на што колешката му рекла дека е новинарка и дека не само што има право туку е и нејзина должност да ја информира јавноста. Но, полицаецот и рекол веднаш, тука пред него, да ја избрише снимката од сите албуми во телефонот, сакајќи да биде сигурен дека нема траги на ништо што е снимено. Вршење притисок за бришење и бришење на видео и фото материјали од страна на полицијата преставува директно прекршување на членот 16 од Уставот со кој се забранува цензурата и се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Со ваквото однесување полицијата ги спречува новинарите да известуваат за настанот и се става во улога на цензор кој решава што смее а што не смее да види македонската јавност“, велат од ЗНМ.

Од здружението потенцираат дека протестите се секогаш настани од јавен интерес и посочуваат дека јавноста има право да знае што се случува за време на протестите, односно дали има повредени, уништување на јавен и приватен имот, но и дали евенутално полицијата ги пречекорила овластувањата и употребила прекумерна сила.

Дополнително, тие посочија дека инцидентот ќе биде пријавен во Секторот за внатрешна контрола на МВР и очекуваат полиција да го расветли случајот, да ги открие одговорните и соодветно да ги казни, за, како што велат, во иднина да не се повтори ваквото неприфатливо однесување на полицијата.

Слични содржини