ЗНМ: Реизборот на Цветковски за директор не оди во прилог на реформите на МРТ

од desk4
113 прегледи

Здружението на новинари на Македонија смета дека резиборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио-телевизија не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Од таму додаваат дека „изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ.“

„За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија. Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот. Членот 119, став 1 алинеја 2, од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, не може да бидат избрани за членови на Програмски совет“, се вели во соопштението.

Од ЗНМ го повикувааат Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ, Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Oпштина Бутел.

„ЗНМ предупредува дека реформирте во јавниот сервис не смеат да бидат предмет на политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес“, се додава во соопштението.

Претходно владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, запрашан за реакција по изборот на Цветковски, рече дека „овој избор е на важност сè додека не го усвоиме Закон за аудио аудиовизуелни услуги“.

Според него, можно е законот да дојде на владина процедура веќе до крајот на оваа недела.