Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на независни новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) го осудуваат повикот за насилство на лицето Цветин Чилиманов, вработен како новинар во Македонската информативна агенција, кој, како што велат, вчера преку Твитер побара од македонските таксисти да ја силуваат новинарката Валери Хопкинс кога ќе се качи во нивното возило затоа што не му се допаѓаат нејзините текстови за состојбата во Македонија.
– ЗНМ, ССНМ и СЕММ оценуваат дека ваквите примитивни закани не се вперени само против колешката Хопкинс, туку кон целата новинарска заедница и имаат за цел да ги застрашуваат новинарите со цел да не ги опсервираат на критички начин политичките процеси. Заканите со силување на Хопкинс се одлика на тоталитарната свест од најцрните денови на европската историја, кое вклучува и користење и насилство во справување со неистомислениците, се вели во соопштението од ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
Го потсетуваме Чилиманов, се додава, кој воедно е и потпретседател на МАН и беше член од ад-хок комисијата на изборите во 2016 година, предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, дека повикувањето на насилство претставува тешко прекршување на новинарските стандарди и ја нарушува новинарската солидарност. Со вакви непримерни испади се дискредитира целата новинарска заедница и новинарството воопшто како професија, која треба да негува толеранцијата и меѓусебното разбирање.
– Наведувањето на други лица да силуваат новинарка во ниеден случај не може да се смета како слобода на изразување, туку претставува нејзино негирање во најбрутална можна форма. Вакво непримерно комуницирање со јавноста не ужива заштита од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој за повикување на насилство и говор на омраза одобрува дури и затворска санкција, се потенцира во соопштението.
Ги повикуваме македонските институции, се посочува, веднаш да го истражат случајот и да го повикаат на одговорност Чилиманов затоа што ваквото силеџиство во јавниот дискурс мора да престане еднаш засекогаш.